1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се добредојдени!

Силвера Падори-Кленке22 јуни 2012

На 1. август во Германија треба да стартува сината карта со која ќе се олесни доселувањето на висококвалификувани кадри. Добредојдени се и Македонците!

https://p.dw.com/p/15J5P
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Доколку се’ се одвива според плановите на германската влада, од 1 август би требало да стартува т.н. „ЕУ сина карта“. Станува збор за дозвола за престој, со која на германскиот пазар на труд треба да пристигнат дефицитарни кадри од светот кои поседуваат диплома за високо образование и се експерти во својата професија. Зашто, доколку странците не стасаат, за две децении во Германија ќе останат испразнети 6,5 милиони работни места. Затоа, иако политиката со тешко срце прифаќа дека Германија е земја на доселеници, со сината карта се прави обид земјата да се презентира како атрактивна и во неа да стигнат оние специјалисти кои многу почесто заминуваат на работа во САД, Австралија или Канада.

Во Македонија има многу млади луѓе со дипломи кои посакуваат работа во Германија. Ќе имаат ли можност и тие да ја добијат сината карта?

Сина карта од август!?

„Секако дека и Македонците се добредојдени! Овој инструмент - сината карта, е така формулиран да им даде шанса токму на високообразованите и специјализираните кадри од земјите кои не се членки на Европската унија“, изјави за ДВ д-р Бернхард Хајцер, државен секретар во Сојузното Министерство за економија и технологија.

Deutschland Fachkräfte Fachkräftemangel Technik Labor
Хроничен недостиг на инженери!Фотографија: picture-alliance/dpa

„Стартот на сината карта најверојатно ќе биде на 1 авфгуст. Во Германија имаме огромен недостиг на инженери, но и на експерти од многу други бранши. Битно е што луѓето кои со сината карта ќе пристигнат во Германија, со себе ќе може да ги донесат и своите семејства. Значи, ќе ја имаат потребната поддршка од германските институции околу сосема практични работи како што е визата, што за многумина кои не се од Европа, а претпоставувам и за Македонците, до сега претставуваше голема пречка. Јасно ни е дека луѓето немаат искуство со институциите во Германија. Згора на тоа, не го познаваат добро ни германскиот јазик, па затоа ќе ја имаат целосната поддршка, почнувајќи од помошта во обезбедување стан, сместување во градинки за децата, до учење на германскиот јазик. Познавањето на германскиот јазик секако е предност, зашто ако бирократијата говори англиски, работодавачите тоа го прават поретко“, дополнува Хајцер.

Сината карта ќе можат да ја добијат, покрај оние млади луѓе кои имаат дипломи од некој од германските универзитети, и стручњаците чиј факултет се признава и е според Болоњската конвенција. За да се аплицира за сината карта, покрај признаена диплома, мора да се има договор со работодавачот во кој ќе се гарантира бруто годишна плата од 44.800 евра, а за некои дефицитарни занимања е дозволена и плата од 35.000 евра. Висината на износите потврдува дека сепак се бараат експерти, зашто никој не би платил толкав износ за обичен работник.

Deutschland Fachkräfte Fachkräftemangel im Krankenhaus Krankenschwester
Во германскиите болници има места и за македонските медицински сестри!Фотографија: picture-alliance/dpa

Најмногу шанси за сината карта имаат дефицитарните вработувања, меѓу кои, покрај инженерите, уште побарани се лекарите (пред се’ специјалисти), научниците од сферата на природните науки, математичарите, информатичарите, но и медицинските сестри, водоинсталатерите, заварувачите. Сината карета се доделува за период од четири години и квалитетна новина е што е без ограничувања - со работна дозвола се здобиваат и членовите на семејството на носителот на сината карта. Поконкретни информации за сината карта може да се прочитаат и на веб страницата http://bluecard-germany.eu/

Популаризирање на доселувањето преку интернет

За полесна достапност до информациите кои се врзани за доселувањето создаден е интернет портал www.make-it-in-germany.com/ . Како што вели и Дирк Вернер од Институтот за германската економија од Келн, идејата за порталот била до целната група да се испратат информации, да се разбудат емоции, Германија да се претстави како привлечна дестинација за работа и живеење. За само две недели интернет страницата имала половина милион посетители, од кои 80 проценти од други држави, што впрочем била и целта.

Венио Пјеро Чинкве, раководител и извршен секретар на ТУ9, водечките девет инситути за технологија во Германија, смета дека од сината карта уште поголема полза би имале младите луѓе кои допрва ќе студираат и кои по дипломирањето би можеле без препреки да работат во Германија.

Venio Piero Quinque Fachkräfte mit ausländischen Wurzeln
Место на најдобрите универзитети и за македонските студенти - Венио Пјеро Чинкве од ТУ9 од БерлинФотографија: DW

„На Германија и‘ требаат инженери. Ги повикувам и умните глави од Македонија да ја погледаат нашата веб страница ( www.tu9.de) и да се решат да студираат на еден од деветте најдобри технички универзитети во Германија (Ахен, Берлин, Брауншвајг, Дармштат, Дрезден, Хановер, Карлсруе, Минхен, Штутгарт) . Секако дека секој почеток е тежок, но да се студира тука, а потоа да се добие и сина карта за работа - е навистина првата скала на една успешна кариера. Секој млад човек кој поседува квалитети и верува во себе, може да се обиде, без разлика дали доаѓа од мала земја како Македонија или од голема како Мексико или Бразил“, изјави за ДВ Венио Пјеро Чинкве од ТУ9 од Берлин.