1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се‘ почесто по правда во Стразбур

22 февруари 2010

Граѓаните на Македонија придонесуваат за постојаниот раст на предмети кои чекаат решение во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Како земјата ги спроведува пресудите и што прави за да се намали бројот предмети?

https://p.dw.com/p/M7Uf
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: DW/ Daphne Grathwohl

Според бројот на предметите кои пристигаат пред Европскиот суд во Стразбур, Македонија се наоѓа на осмото место од вкупно 47 земји-членки на Советот на Европа. Европскиот просек за 2009 е 0,7 предмети на 10 000 жители, додека македонскиот е 2,39! Во текот на ланската година од Македонија пристигнаа нови 489 предмети, а на крајот од истата година во Стразбур се водеа 1077 предмети против Македонија.

Предолго траење на судските постапки

Како Македонија ги спроведува пресудите и што прави за да се намали бројот на предметите кои заминуваат во Стразбур, одговор побаравме од секретаријатот на Советот на Европа и од владиниот агент на Република Македонија, кој ја застапува земјата пред Судот во Стразбур.

Досега, Европскиот суд за човекови права има донесено 63 пресуди против Република Македонија и во 61 од нив Судот има констатирано повреди на човековите права.

„Она што е карактеристично за нашите случаи е дека најголем дел од пресудите, да не кажам 80% од нив се однесуваат на правото за судење во разумен рок. Тоа значи дека Европскиот суд како проблем во Република Македонија го забележува предолгото траење на постапките пред сé пред судските органи“, вели владиниот агент, Радица Лазароска-Геровска.

Овие проблеми во македонското судство беа забележани уште пред да бидат донесени првите пресуди од Стразбур, што доведе и до реформа во работењето на судовите.

„Пред да стаса првата пресуда бевме свесни дека парницата е најголем проблем, заради што веќе во 2004 година почна да се работи на законот за парнична постапка. Се промени и законот за извршна постапка, сега имаме систем на извршување кај приватни извршители и можеме да кажеме дека овие две клучни реформи навистина го скратија целокупното траење на парничната постапка и извршувањето како последователен дел од таа постапка.“

Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte (EGMR) - Gerichtssaal
Фотографија: DW/ Daphne Grathwohl

По првите анализи, како што вели владиниот агент, децениското траење на парничните постапки, сега може да се мери со месеци и најмногу со години.

„За жал, она што е се‘уште проблем, бидејќи навистина имаме многу предмети пред Европскиот суд, се должи на тоа дека оние постапки кои се реактуализирани пред Стразбур се однесуваат на постапки водени по старите закони. И тоа е нешто што не можеме да го надминеме.“

Дали е најден ефикасниот правен лек?

За да се реши проблемот со долгото траење на постапките, Македонија во 2008 со измените во законот за судовите воведе правен лек, со кој Врховниот суд на Република Македонија стана надлежен да одлучува за повреда, односно за заштита на правотот на судење во разумен рок.

„Тоа е постапка која што дава резултати, има над 350-360 поднесени барања пред Врховниот суд во изминатата година и пол. Во 50-60 предмети има констатирано повреда на правото за судење во разумен рок и истовремено, Врховниот суд има досудено и паричен надомест за повреда на правото за судење во разумен рок.“

Македонија сега чека оценка од Европскиот суд дали постапката во Врховниот суд за судење во разумен рок ќе се прогласи за ефективно правно средство. Доколку судот го прогласи за ефективно правното средство, тогаш е најавено дека над 180 апликации би биле вратени во земјата и доколку ги исполнуваат условите според македонскиот закон за судови, истите би биле препратени пред Врховниот суд за натамошно процесуирање.

EU Archiv Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte in Straßburg
Судот е претрупан со предметиФотографија: DW

Во Македонија нема системско кршење на човековите права

Според Радица Лазароска-Геровска, Европскиот суд за човекови права во досегашните пресуди за Македонија не констатирал системски проблеми во земјата, кои водат до повреда на човековите права.

„Но во иднина не знаеме, сé уште има над 1300 предмети кои што чекаат за одлучување пред Европскиот суд, исходот од нив сé уште не го знаеме, бидејќи истите сé уште не се доставени пред владата на Република Македонија.“

Тешко се докажува „пристрасноста“ на судиите

Во многу меѓународни извештаи се посочуваат слабостите на македонскиот судски систем, но според владиниот агент тоа не се чувствува во предметите во кои таа ја застапува Република Македонија пред Европскиот суд во Стразбур.

„Во повеќето апликации кои што досега биле доставени до нас, се зборува за пристрасност на судиите, но апликантите не приложуваат никакви докази за тоа. Тоа не е проблем кој што е констатиран од Европскиот суд за човекови права. Мислам дека нема ни да има такви повреди, бидејќи нашата регулатива е таква што нема можност да се констатира пристрасноста. Сето она што се случува и што слушаме дека се случува е субјективен фактор и навистина ќе биде тешко да се докаже пред Европскиот суд за човекови права. “

Македонија соработува со Стразбур

Женевиев Мејер, раководителка на службата на Советот на Европа задолжена за следење на извршувањето на пресудите, нагласува дека тие имаат одлична соработка со македонските власти во оваа област.

„Можам да кажам дека извесен број на предмети во однос на оваа земја, поточно 6, беа затворени за следење од Комитетот на министрите бидејќи беа донесени потребните мерки.

Денес има околу 50-тина предмети кои се разгледуваат пред Комитетот на министрите, од нив околу 30-тина се однесуваат на предолгото траење на граѓанските постапки и на неизвршувањето на внатрешните судски одлуки. Но, ова е прашање кое се поставува и за неколку други земји. Комитетот на министрите го следи ова со цел да се подобри извршувањето на внатрешните пресуди,“ вели Женевиев Мејер.

Сепак, најголемиот проблем за Македонија од сите пресуди, претставуваат четирите пресуди за немање на ефикасна истрага во однос на полициската тортура.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска