1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон- спасител или мачител на Франција?

Елизабет Бриант
14 ноември 2017

Шест месеци по победата на претседателските избори, Емануел Макрон не губи време во спроведувањето на контроверзните реформи и да ја позиционира Франција како меѓународен играч.

https://p.dw.com/p/2naV8
Frankreich Macron will Einwanderungspolitik verschärfen
Фотографија: picture alliance/dpa//Abaca/MAXPPP/L. Christian

39-годишниот француски претседател веќе беше споредуван со богот на сите богови Јупитер, со Наполеон и со Луј XIV и тоа не баш во позитивен смисол туку повеќе поради својот апсолутистички стил. И сето тоа беше проследено со драстичен пад на неговата популарност, како што покажаа испитувањата на јавно мислење во месеците по изборната победа во мај годинава.

Но, засега Макрон во добра мерка успеа да ги избегне масовните улични протести, кои досега ги убиваа обидите да се раздвижи заспаната економија и да се намали стапката на невработеност од речиси 10 отсто. И имплозијата на досегашните етаблирани партии и катапултирањето на неговата партија Ен Марше му даде доволно почетен замав за промени. „Кога е во прашање Франција вие не можете едноставно сѐ да реформирате и да останете популарни“, вели аналитичарот Филип Моро Дефраже од францускиот Институт за меѓународни односи со седиште во Париз, и додава „Ако Макрон не делува брзо, ќе загуби“.

Нужно зло

Во неодамнешниот разговор за весникот Тајм, Макрон својата моментална непопуларност лаконски ја опиша како нужно зло. „Најлошо е кога ќе ви опадне популарноста без да сторите ништо или да бидете делотворни“, рече Макрон додавајќи дека со спроведување на реформите само се исполнуваат предизборните ветувања. И реформите, како што рече, следеа веднаш по изборот за да имаат време да  покажат делотворност.

Saudi-Arabien Riad Besuch Emmanuel Macron
Фотографија: picture-äalliance/AA/Saudi Royal Council/B. Algaloud

Макрон, исто така, делува брзо за да ја зацврсти својата положба на меѓународниот паркет. Во минатата недела, францускиот претседател ненадејно ја посети Саудиска Арабија за да изрази загриженост за судбината на либанскиот премиер Саад Харири, кој одеднаш се најде во Ријад под не целосно јасни околности. Макрон во Саудиска Арабија стигна откако го отвори новиот музеј Лувр во Абу Даби, а потоа побрза дома за да го отвори музејот посветен на Првата светска војна со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер. „Кога станува збор за неговото ветување од предизборната кампања оти Франција ќе ја врати на глобалната карта, тогаш Макрон е прилично ефикасен особено што се однесува на стилот и пренесувањето на имиџот на Франција како модерна земја“, вели Мануел Лафон Рапнуи, директор на Европскиот совет за надворешни работи, со седиште во Париз. Но, овој стручњак истовремено додава дека пред Макрон се многу отворени прашања, како на пример климатските промени, борбата против тероризмот, ЕУ и надминувањето на конфликти.

Европско водство

Но Европа е таа каде на надворешно-политичките потези на Макрон се гледа со најголемо внимание. На првот ден по својата инаугурација, новиот претседател на Франција отпатува во Берлин и се сретна со канцеларката Ангела Меркел. Двајцата државници се обврзаа да подготват заеднички насоки за иднината на Европската унија, иако меѓу нив сѐ уште има големи разлики, особено кога станува збор за иднината на еврозоната.

Неговиот силен проевропски став, исто така, одекна и во Брисел, разнишан поради Брегзит и подемот на европската десница и создавањето разлики меѓу одделни членки. Неговиот говор за иднината на ЕУ во септември предизвика пофалби од претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, но во исто време и негативни реакции од евроскептиците како, на пример новоизбраниот чешки премиер, популистичкиот Андреј Бабиш, кои на Макрон му порача повеќе да се занимава со управувањето на Франција, а помалку со Европската унија.

Belgien EU-Gipfel Emmanuel Macron und Angela Merkel
Фотографија: Reuters/V. Mayo

Но и покрај проевропската реторика, Макрон не ѝ врти грб на политиката на Франција, како што вели Лафон. „Кога ќе се погледне неговата надворешна политика, може да се види дека таа е многу класична, француска национална надворешна политика“, вели тој. И ја истакнува француската улога во сириските мировни преговори кога Франција се позиционираше меѓу двете сили - Русија и САД.

Во Африка, Франција продолжува со својата борба против исламистите во Сахел (негова втора надворешна цел по преземањето на функцијата беше токму Мали) и укажува на тоа дека Франција може да се ангажира и на други места на континентот. На самитот Г20 Макрон, меѓутоа, направи дипломатска грешка кога изјави оти Африка има „цивилизациски проблем“, но истовремено се заложи за зголемување на меѓународна помош на континентот.

Макрон, исто така, изгради сталожен однос со американскиот претседател Доналд Трамп кој започна со легендарното полуборечко ракување, а продолжи со поканата на американскиот претседател на прославата на францускиот национален празник. Но, и покрај тоа напорите на Макрон да промени некои од ставовите на Трамп, како оној за Иран, не вродија со плод. Реакцијата на најавата на Вашингтон дека САД ќе излезат од Парискиот климатски договор вроди со тоа Макрон овој пат да не го повика Трамп на климатската конференција во декември.

Frankreich Paris Proteste gegen französische Regierung
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Bonaventura

Проблеми од домашната работилница

Но, поголемиот дел од времето Макрон го поминува водејќи битки дома. Во септември, илјадници Французи излегоа на улиците да протестираат против спорните реформи на пазарот на труд, даночниот и пензискиот систем, кои се потребни за Франција да се извлече од кризата. И покрај првите позитивни резултати и малиот пад на стапката на невработеност, популарноста на Макрон опадна на 35 проценти. „Мислам оти сѐ што тој работи е спротивно на она што го сакаат луѓето“, вели еден анкетиран учител. Но една 21-годишна студентка е задоволна од досегашниот резултат: „Мислам дека Макрон многу стори во последните 6 месеци“. Аналитичарот Моро Дефаже вели оти Макрон се наоѓа под голем притисок за успех. „Макрон мора да ја реформира Франција. По тоа ќе се мери неговиот претседателски мандат.“