1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал остров, големи приказни

28 јуни 2011

На годинашниот Саем на книгата во Франкфурт, (12 до 16 октомври), во улога на почесен гостин ќе се претстави една на политички план непроблематична земја. Исланд, меѓутоа, без оглед на големината, има што да понуди.

https://p.dw.com/p/11gEs
Исландскиот главен град Рејкјавик

Не се работи за книжевна нација како што беше Кина пред две години или Аргентина која во Франкфурт гостуваше минатата година. Кога исланскиот романсиер Халдор Лакснес во 1955 година ја доби Нобеловата награда за литература, светската јавност првпат обрати внимание на исландската книжевна сцена.

Денеска ситуацијата е малку поинаква. На ист начин на кој пејачката Бјорк или Сигур Рос се познати на музичката сцена, на книжевната се познати авторот на криминални романи Арналдур Индридасон или авторот кој пишува поп-литература, Халгимур Хелгасон. Според неговиот роман „101 Рејкјавик“ е снимен филмот кој го прослави уметничкиот кварт на исландскиот главен град.

Halldor Laxness
Халдор ЛакснесФотографија: AP

Читањето како национална пасија

Исландскиот е индоевропски јазик кој го говорат околу 318 илјади луѓе, колку што живеат на Исланд, што е колку половина Франкфурт на пример. Станува збор за мала земја со најмалиот пазар на книги во светот, која наесен ќе биде почесен гостин на Франкфуртскиот саем на книгата.

Секако е за истакнување фактот што оваа нација како ниедна друга се дефинира токму со својата литература. Исланѓаните купуваат навистина голем број книги. Во просек, секој граѓанин годишно купува осум книги, вкупниот број продадени, значи е, 2,5 милиони примероци. На Исланд книгите се најомилен подарок, а читањето е посебна страст, вели Томас Бем, шеф-координатор на настапот на Исланд на Саемот во Франкфурт.

„Кога во Исланд околу 18 часот продавниците ќе затворат, книжарниците продолжуваат со работа до 22 или до 24 часот. Книжарниците се главни собиралишта во Рејкјавик, мислам дека не постои подобар симбол за Исланд. За време на божиќните празници во излозите во книжарниците подеднакво се изложени романи и поезија, а народот кој ја цени поезијата исто колку и романот, мора да е голема книжевна нација“.

Во Исланд наводно секој втор граѓанин е писател. Можеби звучи претерано, но факт е дека Друштвото на писателите има 400 членови. Откога во 1955 година Халдор Лакснес ја доби Нобеловата награда за книжевност, Исланд има најмногу Нобеловци, по глава на жител, се разбира.

Frankfurter Buchmesse FLASH-Galerie
Франкфуртскиот саем на книгатаФотографија: AP

Народ кој радо раскажува

Исланѓаните радо раскажуваат. Писателот Кристоф Магнусон вели дека културата на раскажување е најважната карактеристика на современата книжевност:

„Се работи првенствено за некоја порака, нешто што писателот сакал да го каже. Се работи за тоа приказната да функционира, а тоа е карактеристика на сите исландски автори. Тие многу возбудливо раскажуваат“.

Така е од дамнини. Најстарата форма во која Исланѓаните раскажуваат за своето населување се т.н. саги. Тие се пишувани во 13 и во 14 век и секој Исланѓанец и денес може да ги чита и во оригинал. Исландскиот јазик речиси не се променил. Сагите и денес играат важна улога - „Целата земја е во литературтен транс“, вели националниот писател Халдор Лакнес, истражувач на пишаните саги и автор. Артур Вјоргвин Боласон се согласува, навистина на помалку поетски начин:

„Кога Исланѓаните ќе се сретнат да се повеселат и малку да се напијат, често разговараат за сагите. Идентификацијата со ликовите од нив до денешен ден е многу голема. Некои луѓе имаат свои омилени јунаци и радо разговараат за нив. Тие ликови им се блиски и на денешните генерации, зашто се прикажани многу живо“.

Сагите оставиле траги во многу книжевности во светот-аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес на својот гроб има цитат од една сага. За Саемот на книгите во Франкфурт се подготвуваат нови изданија на германски и на уште три јазици. Се работи за моментно најголемиот преведувачки проект во светот. На саемот во Франкфурт исто така ќе се појават и 80 наслови белетристика и 20 антологии. „Мал остров, големи приказни“, така гласи ветувачкото мото на годинешниот гостин на Саемот на книгата во Франкфурт.

Автор: Габриела Шаф/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска