1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал простор за Македонија во заедничкиот историски учебник

Силвера Падори-Кленке30 октомври 2013

Во читанките за Заедничката историја на Југоисточна Европа, Македонија е малку присутна, но доволно - да го привлече вниманието и да провоцира критики во делот каде се обработува „македонскиот проблем од 19 и 20 век“

https://p.dw.com/p/1A8mJ
Фотографија: DW

Малку се говори за Македонија на страниците на четирите читанки за „Заедничката историја на Југоисточна Европа“, издание на Центарот за демократија и помирување на ЈИЕ (ЦДРСЕЕ). Во четирите тома на вкупно 586-те страници, се споменуваат и кусо се објаснуваат многу малку нешта за Македонија од времето на Османлиското царство до крајот на Втората светска војна. На пример: со по дваесеттина реда се даваат информации за Мемоарите на Иван Хаџи Николов, формирањето на ВМРО, културата и образованието во Македонија под бугарска окупација, формирањето на АСНОМ и сл. што е само капка во морето од останатите обработени содржини. ДВ праша: зошто има толку малку факти за Македонија?
„Иста ваква забелешка слушнав и во Србија, Грција, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина. Овие книги не се наменети да ги заменат постоечките национални учебници по историја. Ова се дополнителни учебници кои немаат за цел детално да ја разработат историјата на земјата за која се наменети. На пример не се објаснува македонската историја, туку се дополнува знаењето покажувајќи друг агол на таа историја – каква е перцепцијата на другите кон одредени случувања. Целта е значи да се види што останатите мислат за нас! Македонските историчари беа дел од тимот и учествуваа од првиот ден во проектот, а ќе бидат дел и од идниот“, за ДВ одговара Ненад Шебек, извршен директор на ЦДРСЕЕ.

Nenad Šebek
„Мини војната“ од 2001 во Македонија ќе биде дел од наредниот том на заедничката историја на ЈИЕ. Ненад ШебекФотографија: DW/P. Kouparanis

Непогодна клима

Заради поинаквите содржини од оние познатите, историските читанки не се секаде широкоградо прифатени и некаде се жестоко критикувани. Според Корина Ноак-Аетопулос, директорката на програмата (ЦДРСЕЕ), на стартот во 2007-та година, во Македонија имало добра клима за проектот. Се работело со македонската и албанската верзија на историските читанки и истите биле добро прифатени. Потоа следела неколку годишна пауза, зашто немало средста за организирање семинари за наставниците. Конечно, пред десеттина дена „мразот бил повторно скршен“ и се оддржал уште еден семинар во Велес со околу дваесеттина наставници.
„Проблем е што во секоја земја има одредени групи кои се против овие книги и кои порадо би следеле една национална линија на историјата која е веќе напишана и има третман на историска вистина. Значи, секаде има групи кои проектот го поддржуваат и онакви кои се против него. Во Поранешната југословенска република Македонија токму сега нема особено расположение кон овој проект. Инаку, во подготовката на читанките од Македонија учествуваше Историскиот институт, а уредник на изданието е Ирена Стефоска. За неприфаќањето, можеби несреќна околност е што уредник на комплетната серија е грчката професорка Христина Кулури“, забележува за ДВ Корина Ноак-Аетопулос.

„Секако дека во историските читанки има жешки прашања и поради кои и сме критикувани во некои земји. Особено сме на удар од грчките Македонци во Соединетите Американски Држави кои посебно го критикуваа делот каде има извадоци за бекграундот и природата на македонскиот проблем во 19 и 20 век. Очигледно дека со текот на годините природата на проблемот е сменета, зашто сѐ се менува во историјата. Но, кога е во прашање македонскиот проблем, тој иако е сменет - сѐ уште постои. Затоа и го обработивме во книгите и затоа имавме и критики. Но, имавме и пофалби“, вели за ДВ Костас Карас , историчар и член на бордот на ЦДРСЕЕ. Инаку Карас смета дека „алтернативните учебници по модерната историја на Југоисточна Европа во Македонија биле топло примени“.

Costas Carras
„Грчките Македонци“ го критикуваат објаснувањето на македонскиот проблем во 19 и 20 век. Костас КарасФотографија: DW/P. Kouparanis

И конфликтот од 2001 во новото издание

Во наредниве три години треба да се реализираат уште две историски читанки кои ќе се занимваат со времето на студената војна (1945-1989), транзицијата (1990 до 2001), заклучно со „мини војната од 2001 во Македонија“. Колку овој тип нова историја може да помогне во решавањето на проблемите во регионот со историска конотација, како оние на Македонија со Грција и со Бугарија?
„Ако нешто може да помогне, тогаш верувајте можат овие книги кои имаат мултиперспективен пристап. Има историски факти околу кои никогаш нема да се постигне согласност. Би ги споменал сега токму Македонија и Бугарија. Но, не секогаш е неопходно да има согласност околу фактите. Важно е да се знае дека другата страна мисли поинаку и дека има право на поинакво мислење, исто онолку колку што ние имаме право на свое мислење. Секако значајно е и взаемното почитување на ваквите различни мислења, кое пак е резултат на познавањето на работите кои едни за други сме ги научиле“, коментира за ДВ Ненад Шебек, раководител на Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа од Солун.