1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манастирите полека ги отвораат конаците за странците

Милчо Јованоски4 мај 2013

За разлика од соседните Грција и Бугарија, Македонија тапка во место со развојот на верскиот туризам. Потенцијал има, но без стратегија и отворање на Црквата за гостите, особено странските, напредокот нема да е брз.

https://p.dw.com/p/18SD9
Фотографија: Milco Jovanoski

„Мојата чудесна земја е библиска. Земја на средновековни приказни испреплетени со мистерии и неоткриени тајни. Каде и да чекорите не заборавајте дека газите по волшебен ќилим исткаен од најубави бои“, пишува на вебстраницата на една туристичка агенција која им ја нуди Македонија на странците.

Приказните за старите фрески, икони, за лековитите води се’ уште се целосно недооткриени и недостапни и чекаат некому да бидат прераскажани. Македонија веќе две децении кога е во прашање верскиот туризам тапка во место. Министерството за економија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот прават стратегии, но во нив малку или воопшто го нема овој вид туризам. Можеби е така затоа што тука е клучна  улогата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Со неа треба да се преговара за степенот до кој црковните храмови ќе станат достапни за туристите. 

Kirche "Kliment Ohridski" Skopje Mazedonien.
Од Светиот синод на МПЦ велат дека недостасуваат инвестиции во преноќиштаФотографија: DW

„Во рамките на МПЦ – ОА засега посериозно со верски туризам се занимаваат манастирите Свети Јоаким Осоговски, Свети Јован Бигорски и Светите 15 Тивериополски маченици во Струмица. Секојдневно македонските верници ги посетуваат црквите. Интерес има и од странците, но недостигаат инвестиции за во иднина на гостите да им понудиме преноќишта кои ќе се непосредно до преубавите македонски цркви и манастири“, вели за Дојче веле митрополитот дебарско–кичевски господин Тимотеј, во својство на портпарол на Синодот на МПЦ-ОА.

Интересна и нескојдневна понуда за малку пари

Манастирот Свети Јоаким Осоговски е отворен за туристите. Во старите конаци на располагање има 40 кревети со кујна и трпезарија, со заеднички тоалети и бањи, а цената за една ноќ чини пет евра. Во новиот апартмански дел со над 50 кревети, цената е 10 евра. Во комплескот на манастирот има и ресторан кој претежно нуди национални јадења.

„Од мај до октомври овде е мошне живо. Од странците најчести се гостите од Англија, Германија и Израел“, вели Александар Стефановски, домар во манастирот.

Kloster Sv. Jovan Bigorski
Манастирот Свети Јован БигорскиФотографија: Vera Todorovska

Овој комплекс е познат и по одржувањето на неколку манифестации, како што се Меѓународната ликовна колонија, Летната школа за архитектура и Колонијата на Здружението на копаничари.

Манастирот Свети Јован Бигорски во Дебарско–кичевската епархија е ден од неколкуте што самоиницијативно вложува во верскиот туризам. Манастирските конаци можат да примат околу 100 гости. Тие освен што ќе уживаат во душевниот мир, можат да го набљудуваат животот на монасите, да ја вкусат нивната храна, да ги следат богослужбите и да ги научат верските обичаи.

„Соработуваме со туристичките агенции за посета на манастирот. Од посетителите бараме да го почитуваат редот што сме го пропишале. За сите верски празници, особено пред и за време на Велигден, конаците се полнат со верници“, вели отец Партение, игумен на Бигорскиот манастир. 

Црквите посветени на светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици во Струмица  се пребогати со културни слоеви од предхристијанството до денес. Посебно петтокуполната средновековна црква од таканаречениот сложен „цариградски тип“, единствена во Македонија и ретка на Балканот, привлекува гости. Во црквата се одвива редовен литургиски живот. Во конаците можат да се сместат до 50 луѓе. Полн пансион чини 12 евра по лице.

Туристичките агнеции се во дилема - да ги нудат манастирите или не?

Најголем дел од туристичките агенции во Македонија го нудат верскиот турзам и нивните искуства се слични. Од пред четири години овој вид туризам е на нашата агенда, вели Стефан Керазовски од „Визит Маседониа“.

Orthodoxe St.Naum Kirche beim Ohrid See, Mazedonien
Свештениците се скептични во однос на странските посетители, за кои сметаат дека ќе им го нарушат духовниот мирФотографија: AP

„Најчесто тоа се религизони групи луѓе кои доаѓаат од Германија или Австрија. Имаат десетдневна тура по Македонија. Таму каде што е можно, луѓето се сместуваат во манастирските конаци. Најлесно е во Свети Јован Осоговски, каде работат како во класичен хотел. Додека во останатите манастири тешко е да преноќат групи туристи, особено странци. Свештенството е скептично кога се во прашање странците. Наводно дека тие би им го нарушиле духовниот мир. Цените во конаците се далеку пониски од хотелите, но за странските туроператори тоа не е предуслов. Има туристи кои би платиле поскапо и не бараат некој луксуз, туку бараат да го почуствуваат тамошниот амбиент и живот“, објаснува Керазовски.

Досега сите групи заминале само со позитивни впечатоци. Керазовски смета дека црквата треба да се отвори.

„Не да биде агенција или хотел, но во секој случај би требало да нуди некои можности. Ние како агенции ќе сториме се’, но доколку нема соработка од нивна страна - напредок нема да има. Се работи и за мошне солидни приходи. Туристите не само разгледуваат и заминуваат – напротив, сакаат да ручаат и вечераат манастирска храна, купуваат многу сувенири од црквата и тоа е приход плус“, додава Керазовски.

Сите се согласни дека туризмот во Македонија последниве години е во пораст. Потребно е земјата да понуди богати и убаво осмислени програми кои ќе привлечат нови гости, особено и во делот на верскиот туризам, од кој соседите на Македонија остваруваат солиден финансиски прилив.