1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манипулации при изборот на омилен автомобил на Германците

ЕМФ/дв/дпа19 јануари 2014

Германскиот автомобилски клуб АДАЦ ги фалсификувал резултатите од изборот на читателите на омилен автомобил. Скандалот резултира со оставка на главниот уредник на списанието на АДАЦ, „Моторвелт“.

https://p.dw.com/p/1AtOs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Гласовите што ги дале членовите на Германскиот автомобилски клуб АДАЦ (германскиот авто-мото сојуз, н.з.) во категоријата „омилен автомобил“ биле „разубавени“, изјави портпаролот на АДАЦ Кристијан Гарелс. Главниот уредник на списанието на АДАЦ, „Моторвелт“, Михаел Рамштетер призна дека имало манипулации и поднесе оставка на сите свои функции во автомобилскиот клуб. Тој тврди дека бил манипулиран само вкупниот број дадени гласови, но не и редоследот на автомобилските марки.

АДАЦ има 19 милиони членови и е најголем автомобилски клуб во Европа, како и најголемо здружение воопшто во Германија. Сега авто-мото сојузот е соочен со сериозна криза на довербата во него. Најголемиот европски автопроизводител Фолксваген веќе ја стави под знак прашалник наградата за омилен автомобил на Германците што ја доделува АДАЦ. Обвинувањата за манипулации, според автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер, фрла лоша светлина и врз останатите тестови што ги спроведува АДАЦ. Сега мора да се вршат дополнителни проверки и на статистиките и тестовите кои се однесуваат на проблемите и дефектите на автомобилите, како и на сигурноста на тунелите, изјави Дуденхефер, кој е професор на Универзитетот Дуизбург-Есен. Тој нагласува дека во основата на системот на АДАЦ има нешто погрешно.

ADAC Michael Ramstetter Leiter Öffentlichkeitsarbeit
Михаел Рамштетер поднесе оставка на сите функции во АДАЦФотографија: picture-alliance/dpa

Раководството на АДАЦ тврди дека во ниту еден момент не било запознато со неправилностите при изборот на читателите на „Моторвелт“. Авто-мото сојузот укажува дека од сите девет категории во коишто се доделуваат награди, се манипулирало само во категоријата „омилен автомобил“. Независно од изјавите на Рамштетер и неговата оставка, АДАЦ има намера да го расчисти случајот сосема и од 2015 година да развие процес на гласање и избор кој ќе има и нотарски надзор и ќе биде сосема ослободен од секакви сомневања во пласманот или вкупниот број дадени гласови.