1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МАНУ го пресече јазолот

8 октомври 2009

Претседателството на МАНУ одлучи да се избере нова редакција на Македонската енциклопедија во која ќе членуваат и претставници од немнозинските етнички заедници. Аналитичарите реагираат- добра проценка на МАНУ.

https://p.dw.com/p/K1lw
Фотографија: Petr Stojanovski

Новата редакција, како што се наведува во заклучоците од седницата,треба да се формира во процедура предвидена со Статутот и другите правни акти на Академијата најдоцна во рок од еден месец, по што во најкус можен рок треба да се формираат и нови редакциски тимови.

Членовите на новата главна редакција треба ги заменат со нови текстовите на одредниците кои се неприфатливи од научен и поширок општествен аспект. Како што се наведува во заклучоците од состанокот на претседателството на МАНУ, во пишувањето на новите текстови треба да бидат вклулени компетентни автори, стручни за предметот на секоја од одредниците, вклучително и истакнати научни работници од немнозинските етнички заедници на Република Македонија.

Претседателството на МАНУ констатира дека текстовите во Македонската енциклопедија кои имаат пошироки можни импликации не биле рецензирани, а целосниот текст на енциклопедијата не бил разгледан од ниту еден орган на МАНУ (одделенија, Претседателство, Собрание).

Како што се наведува во заклучоците, претседателството на МАНУ не се согласува со содржината и интонацијата на дел од текстовите во некои одредници во енциклопедијата и се оградува од нив.

- Ова важи особено за некои одредници кои се однесуваат на историјата и општествените односи во Македонија, на одредниците кои се однесуваат на албанската етничка заедница и на некои одредници кои се однесуваат на односите со меѓународната заедница и со одделни земји, се наведува во заклучоците.

Академиците им оддадоа признание на членовите на Главната редакција и на Главниот редактор, како и на другите редакции и на нивните редактори за вложениот труд.Претходно, претседателството на МАНУ реши да сопре дистрибуирањето и да се направат корекции на Македонската енциклопедија.

Академиците на вонредно собрание идниот вторник (12.10.2009) ќе решаваат дали претседателот на МАНУ академик Георги Старделов и главниот редактор на Македонската енциклопедија, академик Блаже Ристовски ќе поднесат оставки.

„Под притисок на јавноста не можеме да зборуваме за оставки. Сите прашања ќе ги отвориме на состанокот пред сите 48 академици што ќе се одржи идниот вторник“, изјави академик Старделов.

Реакции по одлуката на МАНУ

„Не смее да се девалвира МАНУ и овој голем капитален зафат, а целиот случај „Енциклопедија“ треба да се деполитизира“, оценува за Дојче веле универзитетскиот професор Димитар Мирчев: „Мислам дека нема да биде никаков проблем една независна, научна рецензентско-редакторска група тоа да го направи и Академијата да продолжи со своето функционирање. Целата работа е, велам, политизирана непотребно.“

Одлуката за нова редакција и разрешувањето на Ристовски е добра проценка во МАНУ, оценува универзитетскиот професор од ФОН-центарот, Мерсел Биљали: Мислам дека е тоа прв чекор кон разрешување на постојната ситуација која, за жал, неславно заврши и на државата и‘ направи многу штета.“

Комуникологот од тетовскиот универзитетски кампус, Имер Исмаили, за Дојче веле коментира: Мислам дека започнува нова етапа во меѓуетничките односи, а особено нови односи во интелектуалните елити. Треба да се има предвид што направиле тие луѓе. Можеби немале лоша намера, меѓутоа од тоа што направиле и за Македонците и за Албанците и за државата, мислам дека треба да бидат разрешени.“

Автор: А.Чомовски/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска