1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манчестер и Челзи ги чекаат своите противници

11 април 2007

Денеска ќе биде комплетирано полуфиналето во фудбалската Лига на шампионите. Синоќешните средби донесоа и рекорден резултат во завршницата на Лигата

https://p.dw.com/p/AegG
Кристијано Роналдо (МЈ) со својот втор гол
Кристијано Роналдо (МЈ) со својот втор голФотографија: AP

Играчите и навивачите на славниот англиски тим Манчестер Јунајтед, токму како и на Рома, долго ќе ја памтат синоќешната вечер – резултатот од 7 спрема 1 за домаќинот беше фантастичен триумф, за гостите од Италија срамен пораз. За клупски неутралните љубители на фудбалот, во секој случај, тоа беше величествено доживување. За жал, во Манчестер имаше и реванш во инцидентите, само во значително помали размери отколку во Рим. Во тепачката на навивачи на двата тима учествувале стотина лица, едно од нив било повредено неколкумина уапсени. Во Рим пред една недела имаше 20 повредени.

Челзи го надомести на гости она што не го оствари дома. Од Валенсија се враќа како победник со 2 спрема 1, решението падна во последната минута. Челзи во полуфиналето веројатно за противник ќе го има Ливерпул, кој вечер го пречекува Ајндховен со предност од три гола што ја постигна како гостин.

Манчестер Јунајтед ќе игра против поуспешниот тим од вечерашниот дуел во Минхен меѓу Баерн и Милан. Домаќинот, засилен со враќањето на голманот Кан и на играчот ван Бомел, кои не играа во Милано, е во предност по нерешниот исход 2 спрема 2 пред една недела. Но, сите очекуваат голема борба. “Мислам дека ова ќе биде многу, многу изедначен и тежок натпревар, во кој за обете екипи се’ е можно” – вели пред средбата капитенот Оливер Кан.