1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марибор сака да им ја приближи културата на луѓето

28 декември 2011

Словенечкиот град Марибор, покрај португалскиот Гимараеш, е Европска престолнина на културата за 2012-та. Марибор очекува културата да стигне подлабоко во свеста на луѓето, да постигне ренесанса на „граѓанското чувство“.

https://p.dw.com/p/13acn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Впечатливо хорско пеење на млади девојчиња, движење, глума, танц и светла, сето тоа е дел од новиот музички тетатар „Кармина Словеника“, под водството на Кармина Силек. Импулсивната пејачка, композиторка и диригент е душата на групата. Таа го работи делото „Плацебо“ за програмата на Марибор, Европска културна престолнина. Во Марибор се одомаќени не само музичкиот театар, туку и класичната опера, балетот. Словенечкиот Национален тетатар во градот со 120 илјади жители располага со голем објект со три оддели, исто така вклучени во проектот Културна престолнина на Европа.

„Луѓето во Словенија отсекогаш сметале дека земјата ја карактеризира културата. Затоа отсекогаш сме имале голем тетатар, ние сме нација на поети, а не на воини“, вели Алан Кавчиќ од Националниот театар во Марибор.

Maribor 2012
Сцена од претставата „Плацебо“Фотографија: Dorian Silec Petek

Признати културни вредности

Сегашната држава Словенија, по распадот на Југославија постои 20 години, а словенечката култура е стара со векови.

Словенечкиот куклен театар е познат надвор од границите на земјата со своите куклени дизајни и работилници. Во свежо обновениот поранешен манастир, директно на Драва, која тече низ стариот центар на градот, куклите танцуваат на технички опремената бина пред децата и возрасните.

Куклениот театар за в година планира секој месец ново дело со странски партнер, објаснува Мојца Плансак, портпарол на Куклената бина:

„Ќе имаме куп копродукции со странство, кај нас ќе доаѓаат режисери и актери“.

Logo Maribor 2012 Kulturhauptstadt Europa
Логото на манифестацијата Марибор-Европска културна престолнинаФотографија: Maribor 2012

Импозантен број културни манифестации

Идната година Марибор нуди околу 500 манифестации во рамките на Европската престолнина на културата и покрај празните каси во Словенија, последица на економската криза. Буџетот беше повеќекратно намалуван и сега изнесува околу 17 милиони евра. Парите не стасуваат за нови градби и сместувалишта за многуте очекувани ѕвезди. Ќе бидат ангажирани многу луѓе како волонтери. Но, програмата во прва линија е насочена кон повторно заживување на културата за луѓето во Марибор. Поранешниот индустриски град од социјалистичките времиња на поранешна Југославија веќе 20 години по промените трага по свој културен идентитет, по ново градско чувство, вели Митја Кандер, уметнички директор на Европската престолнина.

Голем дел од програмата значи е насочен кон обичните луѓе, преку блогови, разубавување на дворовите и градините. Треба да бидат ангажирани и социјално послабите и малцинствата, како Ромите.

Марибор ќе се соочи и со тешките односи со Германците и Австријците. Стотици години градот, тогаш Марбург ан дер Драу, припаѓал на Римското царство и на Австроунгарското кралство. Во Втората светска војна партизаните се бореле против германската окупација.

Понуда насочена кон регионот

Марибор сака да стане познат во Словенија по својата историја и култура, вели раководителката на Европската престолнина на културата, Сузана Зилиц Фисер:

Maribor 2012
Куклениот театар од Марибор е познат низ светотФотографија: DW/Bernd Riegert

„Треба да знаете дека според анкетите, 60 проценти од луѓето во главниот град Љубљана досега никогаш не биле во Марибор. Но, важно е да привлечеме и посетители од странство и од регионот, од Загреб, Клагенфурт или Трст“.

Нема да биде запоставена ниту популарната култура, поврзана со сегашното лозарство и фолк музиката од Горна Крајина. Во старото пристаниште Лент треба да се одржи летен фестивал во јуни со многу музика, вино и забави како кулминација на манифестацијата Европска културна престолнина.

Автор: Бернд Ригерт/ Ж. Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски