1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марш на милион демонстранти во Киев

Х. Раше /дпа/ртр/ Е.М.Фиданоска8 декември 2013

И покрај обидите за заплашување од страна на полицијата, стотици илјади луѓе во Украина денеска (8.12) повторно протестираат против политиката на претседателот Виктор Јанукович. Тимошенко испрати предупредувачка порака.

https://p.dw.com/p/1AV6R
Фотографија: Lilija Gryschko

„Кој не сака да живее во полициска држава, туку во модерна земја, не смее да остане рамнодушен“, порача Витали Кличко вчеравечер, повикувајќи на масовни демонстрации во земјата. Повикот денеска го следат стотици илјади луѓе.

За илјадниците демонстранти кои со денови се собираат на Мајдан, плоштадот на независноста во Киев, денот почна со богослужба. Свештеникот ги охрабри верниците: „Ние сме од Бога избран народ и ќе се поставиме на ниво на големите народи во Европа“. Со Бога во срцето е можно да се демонстрира мирно, гласи пораката на свештеникот. Сепак, демонстрантите не се потпираат само на божја помош. Плоштадот Мајдан е полн со барикади, а редари доброволци ги обезбедуваат влезовите. За случај на интервенција на безбедносните сили, на барикадите има заштитини шлемови, штитови и стапови. Демонстрантите нагласуваат - за одбрана!

Ukraine EU Protest in Kiew 08.12.2013
Доаѓаат од цела земја - демонстранти во КиевФотографија: REUTERS

Илајдници луѓе од сите делови на земјата се собраа на плоштадот во Киев и покрај ледениот ветер. Сите имаат една цел: „Овде сме за да ја одбраниме нашата позиција. Сакаме да припаѓаме на Европа. Не се согласуваме со позицијата на Владата и на Претседателот. Затоа сме овде. Веруваме во победа!“, вели еден од демонстрантите.

Украинската полиција пред почетокот на денешните протести предупреди дека ќе реагира неумоливо на секакво кршење на законите. Демонстрантите се надеваат дека се‘ ќе се одвива мирно, за разлика од настаните од пред една недела, кога при крвавите судири на безбедносните сили и демонстрантите беа повредени повеќе од 400 лица. Од вчера, меѓутоа, околу Мајдан се шират шпекулации дека приврзаници на власта планираат провокации за на тој начин да му дадат можност на претседателот Јанукович да прогласи вонредна состојба.

Ukraine EU Protest in Kiew 08.12.2013
Веруваме во победа - велат демонстрантитеФотографија: picture-alliance/dpa

Тимошенко предупредува

Затворената опозициона политичарка Јулија Тимошенко денеска преку ќерка и‘ испрати порака до демонстрантите во Киев: „Многу е тенка линијата меѓу тоа дали ќе паднеме во сурова диктатура или ќе се вратиме во европската заедница“. Таа ја предупреди опозицијата да не се согласува на компромиси со раководството на земјата: „Не се предавајте и не седнувајте со нив на иста маса“, бара 53-годишната Тимошенко и нагласува дека дијалог со власта е можен само ако Јанукович се согласи на нови избори.

Ukraine Demonstration Zusammenstöße Polizei EU Regierung Politik
Кличко со амбиции за претседател?Фотографија: Reuters

Предвремени парламентарни и претседателски избори на големиот собир во Киев побара и шефот на опозиционата партија Удар, Витали Кличко. Освен тоа, тој бара и ослободување на политичките затвореници и казнување на одговорните за полициското насилство од минатата недела. Се смета дека Кличко има амбиции за функцијата претседател на земјата. Според извештај на магазинот „Шпигел“, германската канцеларка Ангеал Меркел и групата конзервативни партии во ЕУ имаат намера да му дадат поддршка на Кличко преку заеднички настапи во јавноста и со тоа да го профилираат во противкандидат на Јанукович.