1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовни демонстрации во Украина: „Ние не сме СССР“

Бернд Гросхајм (ард) / Елизабета М. Фиданоска25 ноември 2013

Толку демонстранти во Украина немало уште од Портокаловата револуција во 2004 година. Десетици илјади луѓе го изразија својот гнев против претседателот Виктор Јанукович, кој го замрзна Договорот за асоцијација со ЕУ.

https://p.dw.com/p/1ANRZ
Фотографија: DW/L. Gryshko

На најголемите демонстрации во Киев по Портокаловата револуција вчера (24.11) учествуваа десетици илјади луѓе. Организаторите зборуваат за околу 100.000 демонстранти, додека според други набљудувачи на протестие учествувале најмалку 50.000 луѓе. Демонстрантите во Киев дојдоа од сите делови на Украина. „Ние сме од Л‘вов. Сакаме Украина да биде интегрирана во Европа, зашто ние сме Европејци и никој не сака назад во Советскиот сојуз. Ќе победиме!“, убеден е еден млад демонстрант.

Со ленти на кои стоеше „Ние не сме Советски сојуз, ние сме Европска унија!“ и „Украина ѝ припаѓа на Европа не на Русија!“, демонстрантите се движеа низ Киев веејќи знамиња на ЕУ.

Затворената опозициона политичарка Јулија Тимошенко, со писмо кое го прочита нејзината ќерка Евгенија, побара продолжување на процесот на приближување на Украина кон ЕУ. Украинската влада со години преговараше со ЕУ за поблиска соработка. Договорот за асоцијација беше во принцип готов за потпишување. Киев требаше да исполни само уште еден услов: да ја поштеди Јулија Тимошенко од затвор, односно да ѝ дозволи лекување во странство, поради тоа што е тешко болна. Но таквите обиди не успеаја. Парламентот ги отфрли предлог законите со кои тоа требаше да биде регулирано, а по неколку часа владата донесе заклучок за привремено запирање на подготовките за Договорот за асоцијација со ЕУ. Рускиот претседател Владимир Путин претходно ѝ се закани на Украина со трговски санкции. Тој има намера да ја вклучи Украина во царинска унија со Русија, Казахстан и Белорусија.

Demonstration für Annäherung der Ukraine an Europa in Kiew
Фотографија: DW/L. Gryshko

Но патот кон Русија за многумина Украинци е туѓ. Пратеникот од деснопопулистичката партија „Свобода“, Олег Тјањибок, оцени дека демонстрациите се вистински одговор: „Денешниот ден е нашиот одговор на Москва! Путин мора да знае дека овде нема да изградат ‘руски свет’. Нема да им успее да го скршат украинскиот дух, нема да ни ги наметнат своите правила.“

Кога демонстрантите се приближија до седиштето на владата, полицијата реагираше со солзавец. Нејасно е дали интервенцијата била испоровоцирана од страна на приврзаниците на владата.

Demonstration und Ausschreitungen in Kiew
Полицијата употреби солзавецФотографија: Reuters

Витали Кличко, шеф на опозиционата партија „Удар“, прво не можеше да пристигне во Киев, поради тоа што неговиот авион не доби дозвола за слетување на аеродромот во украинскиот главен град. Тој подоцна сепак им се приклучи на демонстрантите и рече дека ќе биде вршен притисок врз претседателот и владата за „Договорот за асоцијација да биде потпишан“.

Противниците на владата во меѓувреме поставија шатори за натамошни протести.