1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовни протести во Неапол против депониите на мафијата

ЕМФ/дв17 ноември 2013

Неаполската мафија „Камора“ во текот на изминатите години илегално депонирала милиони тони радиоактивен материјал меѓу Рим и Неапол. Десетици илјади луѓе во Неапол вчера демонстрираа против илегалното депонирање отпад.

https://p.dw.com/p/1AJ2C
Фотографија: picture-alliance/dpa

Демонстрантите кои и покрај поројниот дожд се собраа во огромен број, вчера (16.11.) извикуваа „Не за Камора“ и носеа плакати со барање да се запре „биоцидот“. Дел од демонстрантите покажуваа и фотографии на свои роднини кои починале од рак. Организаторите на протестите зборуваат за 100.000 учесници на демонстрациите, додека полицијата тврди дека биле трипати помалку.

Неаполската мафија „Камора“ истовара отровен отпад во регионот Кампанија (со главен град Неапол). Според организацијата Легамбиенте, за 22 години илегално биле депонирани околу десет милиони тони радиоактивен и индустриски отпад. Регионот меѓу Неапол и Казерта се нарекува „триаголник на смртта“. Протестното движење особено е вознемирено поради палењето на ѓубрето проследено со отровни испарувања.

Тоа што „Камора“ го прави во регионот е потврдено од страна на мафијата уште пред многу години. Поранешниот мафијашки бос Кармине Шиавоне уште во 1997 година пред истражна парламентарна комисија даде изјава за праксата со отпадот, но неговите изјави беа држени во тајност. Протоколот, кој беше третиран како државна тајна, беше објавен дури на крајот на октомври. „Знам од искуство дека до 1992 година регионите во јужна Италија беа загадувани со токсичен отпад, отпад од цела Европа, не само од Италија“, изјавил Шиавоне пред италијанските парламентарци. Мафијата од илегалното депонирање на отпадот заработувала уште од крајот на 1980-тите.

Carmine Schiavone Ex-Mafia Boss
Кармине Шиавоне, поранешен мафијашки босФотографија: picture alliance/ROPI

„Не станува збор за илјадници, туку за милиони тони токсичен материјал“, рекол Шиавоне. Тој детално опишал како познатиот клан на „Камора“, Казалези, кому му припаѓал самиот, го контролирал депонирањето на отпадот меѓу Латина, на 70 километри јужно од Рим и Казерта, на 40 километри северно до Неапол. Меѓу индустрискиот отпад имало ѓубре од северна Италија, но и радиоактивен материјал од Германија, кое завршило, на пример, во јами и езера. Мафијата особено многу пари заработила со бизиси со Германија по падот на Берлинскиот ѕид.

„Камора“ на крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите за своите цели ги врбувала и градоначалниците „во сите 106 општини во провинцијата Казерта“, тврди Шиавоне. Освен тоа, мафијашите можеле да се потпрат и на молкот на повеќемина министри, како и на поранешниот италијански премиер Чириако Де Мита, кој денес е член на Европскиот парламент. Илегалното депонирање отпад, како што се трвди, продолжува до денес. Тоа може да има фатални последици по здравјето на жителите во тој дел од Италија. Вкупни статистички податоци за стапките на заболени од рак во Неапол и околината нема, но во една од општините е забележано значително зголемување на болните - од 136 случаи на заболувања од рак во 2008 година на 420 болни во 2012 година.