1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матео Ренци - пат до врвот

Кирстин Хаузен / Симе Недевски18 февруари 2014

Идниот премиер на Италија Матео Ренци е добар говорник кој веќе е медиумска ѕвезда. Меѓутоа на новото работно место, на кое ќе го менува својот партиски колега Енрико Лета, ќе му треба многу повеќе од само убави зборови.

https://p.dw.com/p/1BAq5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Градоначалникот на Фиренца, Матео Ренци (насловна фотографија), неодамна беше избран за претседател на Демократската партија (ПД) и во последните неколку недели ја критикуваше владата на својот партиски колега Енрико Лета поради неодлучност и колебање да се започне со тешките реформи. Сега тој ветува драматичен пресврт. „Сите заедно мораме да се извлечеме од калта. Не станува збор само за примопредавање на власта и продолжување во иста насока, туку за поинакви цели и поинакво темпо“, порача Ренци.

Медиумска ѕвезда

Ренци е човек кој впечатливо се изразува. Една од причините за неговиот брз политички подем е вниманието на медиумите со кое овој политичар умее да се служи. Ренци има 39 години, што значи дека е политички производ на ерата на Силвио Берлускони, а згора на тоа и работел во маркетинг агенција во сопственост на семејството Берлускони. Во јавноста се претставува како човек подготвен да ја размонтира старата партиска елита. По благословот од претседателот на државата Џорџо Наполитано, Ренци сега може да ја заземе функцијата која отсекогаш ја сакал.

Italien Machtkampf Regierung Renzi Letta ARCHIV
Матео Ренци и Енрико ЛетаФотографија: picture alliance/ROPI

Дудуша Ренци веќе доби благослов и од Силвио Берлускони. Ветеранот на италинската политика порано се обиде да го придобие Ренци за неговата партија „Форца Италија“. Овие двајца политичари се сретнаа во пресрет на пресметката на Ренци со Лета во рамките на Демократската партија. Официјалниот повод за тој состанок беше постигнување договор за правната рамка на новиот изборен законик, но набљудувачите тврдат дека веројатно се разговарало и за новата влада.

Иако Берлускони и Ренци припаѓаат на спротивставени табори, и двајцата важат за флексибилни политичари, гладни за медиумско внимание, кои милуваат да говорат за радикални промени.

„Изборите не ги решаваат проблемите“

Ренци, како што изгледа, ќе биде третиот премиер на Италија - по Марио Монти и Енрико Лета - од 2011. година наваму кој ќе дојде на функцијата без претходни избори. Ренци тврдеше дека изборите би биле грешка. „Би можеле да помислите дека изборите ќе ја прочистат ситуацијата, ама има една маана: во актуелната ситуација тие не би решиле ниту еден од проблемите со кои се соочуваме.“

Истовремено анкетите покажуваат дека мнозинсството Италијанци сепак би сакале да излезат на изборните места, како и оти во самата партија на Ренци постои загриженост дека Силвио Берлускони повторно ќе зајакне.

Во медиумите Матео Ренци е претставен како човек кој се соочува со проблемите и ги решава. Често се фотографира на велосипед во Фиренца, како отвора нови згради или како во гумени чизми ги обиколува подрачјата загрозени од поплави. Неодамна најави нов пакет реформи за борба против невработеноста на ниво на целата држава.

zur Nachricht - Neuer Berlusconi-Prozess
Силвио БерлускониФотографија: Reuters/Alessandro Bianchi

Воздржани реакции

И покрај сето тоа, Италијанците остануваат резервирани. Веќе се имаат изнаслушано премногу празни ветувања од политичката сцена. „Кога Ренци стана претседател на партијата, требаше да поднесе оставка на местото градоначалник на Фиренца. Наместо тоа тој трупа функции, како и сите политичари “, вели една жена од покраината Тоскана. „Дури и ако Ренци биде подобар, ќе му требаат барем 15 години нешто да се промени“, вели еден човек од Милано.

Зада се справи со оваа резигнација на Ренци ќе му биде потребно многу повеќе од политички говори. Потребни се дела и мнозинска поддршка во италијанскиот парламент. Политичките натегања ќе продолжат.