1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матурските забави во знакот на свечената облека

Антоанела Димитриевска 25 мај 2013

Во Македонија матурските прослави годинава не се разликуваат со оние од пред десет, триесет па и педесет години. Mал дел од матурантите размислувале за поинакви прослави, но на крајот и тие го прифатиле општиот тренд.

https://p.dw.com/p/18do0
Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Во УСО „Коле Неделковски“ во Велес поголемиот дел од матурантите исто како и нивните врсници од Битола, Куманово и Тетово се' со скоро идентични размислувања за својата матурска вечер.

Матурантот Тодор Мазнев вели дека никој од неговата генерација воопшто и не размислувал за поинаква забава, отколку добро позната матурска прослава. „Професорите ни посочуваа поскромно, но сите ние купивме нова гардероба која едвај чекаме да ја облечеме, ќе имаме и забава со голем оркестар на мотелот. После тоа закажавме и афтер парти забава во една дискотека, а сето тоа ќе биде заокружено со зурли и тапани во кругот на училиштето утрото каде ќе ја завршиме забавата. Плус ова ќе имаме дополнителна прослава некоја друга вечер дома или во ресторан каде ќе прославуваме со роднините, пријателите и другарите“.

Девојките пак имаат поголем проблем и желба, да имаат најдобра шминка и гардероба, а за што некои од нив се советувале и со моден креатор. Задолжително одат на фризер, а најново и на маникир, солариум и слично.

Во Економското училиште „Јовче Тесличков“ во Велес каде најголемиот дел се девојки, подготовките околу гардеробата траеле со месеци.

Матурантката Софија Андонова ни појаснува: „Не, не' сме размислувале за поинаква матурска вечер, ќе имаме класична забава со многу музика. Јас си купив гардероба од странство и едвај чекам да ја облечам, се разбира ќе имам и соодветна фризура и шминка“.

Посакувавме една поинаква матурска вечер

Матурантката Теодора Блажевска со разочарување вели дека со месеци посакувале и им предлагале на останатите од генерацијата, понаква матурска забава.

„Нашиот клас во кој сме дваесетина девојки баравме поинаква забава во дискотека со вообичаена гардероба, кој како сака, а може да дојде и со фармерки и маичка. Но, тоа за жал тоа не го прифатија останатите од генерацијата и затоа и годинава матурската прослава е по старата веќе видена шема“.

Професорите и социолозите со поинакво мислење

Мирјана Трајановска професор по македонски во УСО „Коле Неделковски“ во Велес, посочува дека е крајно време нешто да се менува во прославите.

Abiturienten in "Kole Nedelkovski" Schule in Veles
Матуранти во УСО „Коле Неделковски“ во ВелесФотографија: DW/A. Dimitrievska

„Многу одамна пред 40-тина години беше кога јас славев матурска вечер и сега има матуранти. Како што гледам од таа далечна временска дистанца ништо не се изменило во прославите. Сметам дека е крајно време да се најдат нови форми за прослава на матурските вечери“.

Марина Јанушева социолог во Економското училиште „Јовче Тесличков“ во Велес констатира дека матурските вечери во Велес и цела Македонија се слика на еден менталитет, кој има потреба од помпезни забави, и е крајно време е да се сменат.

„Нашиот менталитет за жал и понатаму креира класични матурски забави со многу непотрени детали. Крајно време е некоја следна генерација што поскоро да излезе од класичното клише и на матурска вечер отиде со фармерки и вистински да ужива во својата забава. Посебно родителите треба да стават стоп на непотребните скапи забави дома и во ресторани со 200 и повеќе гости како за свадба. Матурската вечер треба да остане во меморијата на матурантите по дружењето и забавата, а не по тоа кој и како бил облечен и слично“.