1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мајка“ на саемите на уметност

23 април 2010

Во Келн деновиве се одржува Арт Колоњ- најстариот саем на уметност во светот. По повеќегодишна криза тој го загуби местото меѓу водечките саеми во светот, но сега на чело со Даниел Хуг, ситуацијата значително се подобри.

https://p.dw.com/p/N2pI

Костумирани музичари во фракови и со цилиндри на главата свират на главниот влез на саемот Арт Колоњ. Тие се дел од проектот на Данецот Јепе Хајн. Уметникот својот проект го нарече „Циркус Хајн“. Аделхајд Тојбнер раководителка на проектот вели: „Имаме палјачо кој крева врева, кафез без тигар, голем број дела од современата уметност, трапез и други различни уметнички објекти кои во вистинска смисла на зборот потсетуваат на циркус.“

Нов сјај за Арт Колоњ

Art Cologne 2010
Го враќа стариот сјај: Директорот на Арт Колоњ- Даниел ХугФотографија: picture alliance/dpa

Арт Колоњ со почитување нарекуван „мајка“ на саемите на уметност е жив како што долго не бил. За тоа е заслужен директорот, Американецот Даниел Хуг, кому за две години, колку што се наоѓа на чело на саемот му успеа да му подари нов сјај. Во Келн повторно дојдоа најпознатите светски галеристи од 23 земји. И покрај хаосот, кој овие денови владееше на европските аеродроми, само двајца планирани галеристи не успеаја да дојдат во Келн. „Галеристот Клафеан од Атина возеше до Италија со автомобил и потоа пристигна во Келн. Луѓето од галеријата Розенфелд, од Израел летаа до Ница, а потоа со автомобил дојдоа во Келн“, раскажува Даниел Хуг.

На годинешниот Арт Колоњ владее голем интерес за делата на класичната модерна, импресионизмот и експресионизмот. Галеријата „Томас“ од Минхен, продава слика на Едвард Мунк за 6,5 милиони евра. Олку вредно дело ретко може да се види надвор од музеј. Хајке Гросман од галеријата „Томас“, вели: „Сликата е создадена во 1916 година и на неа се наоѓа блиска пријателка на сликарот која тој повеќепати ја портретирал.“

Повторно во елитата

Art Cologne 2010
Сликата „Контрола“ на Нео Раух е едно од најатрактивните дела за продажба на Арт КолоњФотографија: picture alliance/dpa

Сликите на Нео Раух исто така го привлекуваат вниманието на посетителите. Ѕвездата на Лајпцишката уметничка школа, која деновиве го слави својот 50 роденден, веќе е дел од историјата на уметноста. Галеристот Хари Либке за една негова слика бара 600 илјади евра и има пронајдено потенцијален купувач: „Постои голем интерес за таа слика и верувам дека ќе ја продадеме веќе во Келн.“

Галеристот Хари Либке неколку години немаше дојдено во Келн. Сега тој повторно е тука. Тоа значи дека Арт Колоњ е повторно атрактивен. Арт Колоњ кој со години наназад се наоѓаше во криза, и го загуби местото меѓу водечките саеми во светот - во Лондон, Њујорк, Мајами или Арт Базел во Швајцарија ( кој го презеде приматот „најважен саем на уметност“), одново влегува во елитата.

Автор: Сабине Елце/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска