1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010909 Beslan Menschenrechtler

3 септември 2009

Заложничката драма во училиште во градот Беслан во Русија пред 5 години заврши со 335 загинати. Борците за човекови права велат дека властодршците прават се‘ за трагедијата да се заборави колку што е можно побргу.

https://p.dw.com/p/JNYt
Заложничката драма траеше три денаФотографија: AP

Претседателот на Хелсиншкиот комитет во Москва, Људмила Алексејева, која е и еден од најпознатите борци за човекови права во Русија, недвосмислено оценува: „Кај нас, вообичаено е да се потиснуваат од јавната свест непријатните епизоди од историјата. Ваква политика властите водат и по прашањето на Беслан. Сепак, луѓето, и покрај тоа што властодршците не сакаат да се потсетуваат на тоа, се сеќаваат.“

Gedenktag an die Opfer von Beslan Schule Tragödie
Луѓето се сеќаваатФотографија: picture-alliance/dpa

Најтешко им е на оние кои во заложничката криза ги загубија децата. Сузана Дудијева, раководител на Комитетот на мајките од Беслан, вели дека премолчувањето на вистинските причини за трагедијата е злосторство: „Во изминатите две години, ни печатените медиуми, ниту телевизијата не известуваа за животот на семејствата кои загубија свои најблиски во трагедијата. Сметам дека ова молчење значи само едно - властодршците не сакаат да си ги признаат грешките и на тој начин вршат уште едно предавство на граѓаните.“

Профит од солзите?

Откако официјалната истрага е завршена, руските медиуми, со исклучок на датумите кога се одбележува годишнината од трагедијата, речиси и не известуваат за Беслан. Мајките од Беслан, меѓутоа, како што вели Сузана Дудијева, не се задоволни со резултатите од истрагата: „ Овој напад не е истражен, не се извлечени заклучоци и одговорните не се изведени пред суд. Нивните имиња не се објавени. Работата на сите овие истражни комисии беше само формална. Тие само доведуваат во заблуда и им даваат на луѓето лажни надежи. Се правеше профит од парите на даночните обврзници, од нашето страдање и нашите солзи.“

Gedenken an Beslan
Мајките бараат разјаснувањеФотографија: AP

Истрагата на обвинителството и на специјалната истражна комисија дојде до заклучок дека повеќето од жртвите настрадале од детонацијата во спортската сала, кога почнал нападот на специјалните сили во училиштето. Според наводи на еден од членовите на истражната комисија, пратеникот Јуриј Савелејев, руските специјални сили го нападнале училиштето без да имаат обѕир кон децата. Људмила Алексејева објаснува: „Кај нас, за жал, кога се случува вакво нешто се мисли на уништување на терористите, а не на животите на заложниците. Според мое мислење, тоа е варварско, ладнокрвно и недозволиво однесување на нашите државници.“

Nurpaschi Kulajew Beslan Geiselnehmer verurteilt
Нурпаши Кулајев, единствениот преживеан терорист од БесланФотографија: AP

„Многу прашање се се‘ уште отворени“

Според официјални наводи, во нападот биле убиени сите терористи, освен Нурпаши Кулајев, кој сега е осуден на доживотна казна затвор. Од одговорните во редовите на специјалните сили, кои според мислењето на мајките исто така сносат дел од одговорноста, ниту еден не е казнет. Лев Пономарјев од организацијата „За човекови права“, вели: „Јас, како и мајките од Беслан, не сум задоволен од резултатите на истрагата, зашто во суштина на одговорност е повикан само еден. Притоа, толку многу прашања се отворени.“

Автор: Јегор Виноградов / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска