1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мајки“ го отвора „Браќа Манаки“

16 октомври 2010

Со македонска премиера на филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски вечер (16.10.2010) во Битола свечено ќе биде отворен 31-виот Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ .

https://p.dw.com/p/PffS
Сцена од филмот „Мајки“ на Милчо МанчевскиФотографија: Banana Film

Најновиот филм на Манчевски е надвор од официјалната програма, во која се 12 филмови од најновата продукција и наградувани на фестивали во светот. Тие се во трка за трите награди „Камера 300“ – Златна, Сребрена и Бронзена, а за нив ќе одлучува петчлено жири со кое ќе претседава оскаровецот Вилмош Жигмонд - кинематограферот кој годинава е и лауреат на Златна камера 300 за животно дело.

Тој е специјален гостин во Битола, заедно со директорот на фотографија Роџер Прат и американската актерка Дерил Хана – кои се добитници на специјални награди Камера 300.

За првпат прикажување на седум филма на браќата Манаки

Покрај филмовите од главната програма, на седумдневниот фестивал ќе бидат прикажани и филмови кои третираат реални приказни во програмата „Нови визии“, документарни, кратки и филмови за деца.

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
БитолаФотографија: Petar Stojanovski

Премиерно ќе бидат прикажани и три македонски филмови - „Мајки“ на Манчевски, „Некои поинакви приказни“ - филмски парчиња од пет балкански режисерки, меѓу кои е и Марија Џиџева од Македонија, и филмот „Војната заврши“ на Митко Панов. Во соработка со Кинотека на Македонија, пак, првпат ќе бидат прикажани целосно седум филмови на браќата Манаки, како и омаж за карикатуристот Делчо Михајлов и неговите анимирани филмови. Во фокусот на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“ се три национални кинематографии - израелската, бугарската и финската.

Рекордни 95 филмови во сите категории

Организаторите најавија околу 400 домашни и странски гости – од екипите на филмовите што ќе бидат прикажани, директори на филмски фондови, актери, режисери, филмски работници… Ќе бидат организирани и работилници, со учество на новинари и филмски критичари од познати светски списанија, како „Варајети“ и „Скрин интернешнл“.

Фестивалот ќе биде затворен на 22 октомври кога во чест на лауреатот Жигмонд ќе биде прикажан филмот „Ќе сретнеш висок мрачен странец“ во кој тој е кинематографер, а режисер е Вуди Ален..

Проекциите ќе бидат во големата и малата киносала во Центарот за култура во Битола, а за подобар квалитет на сликата и звукот, ќе биде донесена техника од Сараевскиот филмски фестивал. Буџетот на фестивалот е околу 200.000 евра – 4 милиони денари од Министерството за култура, 3 милиони денари од Општина Битола, а останатите средства се обезбедени од спонзорите на фестивалот.

Автор:СН/БГ/МИА

Редактор: Симе Недевски