1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маџиров ја „маѓепса“ публиката во Берлин

Силвера Падори-Кленке6 јуни 2012

Во „Звуците на светот” во ноќта на поезијата (1 јуни) кои го отворија 13. Берлински поетски фестивал се слушна и македонскиот јазик низ стиховите на Никола Маџиров, чие творештво и синоќа ја маѓепса публиката

https://p.dw.com/p/158bq
Фотографија: DW

За пет дена во Академијата на уметностите во Берлин,  двапати се слушна македонскиот јазик. На отворањето на Поетскиот фестивал, кога во ноќта на поезијата од светот,  меѓу поетската елита - македонската лирика ја претстави Никола Маџиров. И синоќа (5.јуни),  кога Маџиров уште еднаш читаше на македонски и во дијалогот со германскиот поет Александер Гумц говореше за творештвото, за патот на песната од неговите фантазии, преку напишаниот збор до душите на читателите и публиката.
Маџиров во Берлин, инаку, беше претставен како „шутинг стар на новата современа  лирика”. Не случајно, како кажа и Гумц, потсетувајќи дека поезијата на Маџиров е преведена на 30 јазици, тој е добитник на реномираната германска Хуберт-Бурда награда за литература, а потврда на квалитет е и последната збирка песни „Преместен камен”, преведена на германски од Александар Зицман.
 
Заминувања и враќања

Маџиров не е првпат во Берлин. Доаѓал тука  и заминувал. Но, сега тука и пишува. Презимето, како да му ја скроило судбината. Како самиот вели, Маџиров - значи бескуќник, бездомник и го добил од неговиот пра - пра дедо. Ова го раскажа во контекст на прашањето на Гумц: како твори?
Ако порано Македонија и Струмица биле негов дом каде творел, како вели Никола, сега  пишува меѓу две патувања. Потребен му е простор и атмосфера. Времето кај него се вика:  детство и сеќавање. Тој говореше за собата  во која ги прочитал првите книги и која е толку полна со сеќавања. Сега,  во таа соба, која постои и во реалноста,  се сите негови книги кои се своевидна замена за присуството на Маџиров во неа.
„Се трудам да ја оградам поезијата, да ја зачувам чиста! Не сакам мистификација. Најчесто, песните ги напуштам. Песните, како вели и Пол Валери не можат да бидат завршени, туку напуштени... Пишувам на македонски, зашто е тоа јазикот на моето детство. Напуштањето и враќањето - се основа и на мојот живот, а таков е и односот кон моите песни. Порано мислев дека ако од една песна се оттгрне еден збор, таа ќе се урне. Сега, сметам дека доколку се извлече еден збор, ќе се урне и собата во која сум”, подвлекува Маџиров, за кого е исклучително  значајна компактноста на атмосферата во песната и меѓу песната и творецот. Тоа е своевидна папочна врвца, и во неа се носи и одлуката: дали песната е цела, дали треба да се објави или не.

Важност на нарацијата

Маџиров е категоричен дека нема криетриуми кога песната е завршена, туку тоа тешко  решение кое го носи инстинктивно. „Тоа е најчесто момент на чувството, во кое  сеќавањата и очекувањата  се споени во нешто што не се нарекува сегашност! Се’ оставам отворен,  не само кон она што го живеам,  туку и кон она што доаѓа кај мене како раскажано. Израснав со нарација, со раскажувањата на мојата баба.  Животните приказни кои таа ги раскажуваше никогаш не ги напишала, а секогаш  биле поинаку раскажани.  Она што не е напишано, според  некои, честопати повеќе и го помниме”, вели Маџиров. Затоа и негов концепт е „да се откоричи книгата и да се стаса до сржта на песната”.
Во потрагата по таа срцевина Маџиров стана светски патник. Патува од фестивал до фестивал, престојува во хотели, запознава нови луѓе, јазици и простори. И го шири македонскиот збор и поетската реч.  На крајот на овој месец е македонски претставник на Поетската олимпијада која ќе се оддржи во Лондон и на која ќе учествуваат 150 поети од светот. „Тоа ќе биде искуство да се поделат зборовите, стиховите, сите оние приказни, напишани и ненапишани,  со авторите кои создаваат во истовреме, но на различно место”, коментира Маџиров, кој е пресреќен што има добар преведувач на германски (Александар Зицман) и кој успеал да го долови и на германски да го преточи неговото творештво.

Меланхолија и свежина

На синоќешното (5. јуни) читање на поезијата на Маџиров во Берлин публиката не беше случајна. Повеќемина со кои разговаравме добро го познаваат творештвото на Никола, особено по објавувањето на германскиот превод на „Преместен камен” .
„Одново и одново ме фасцинира како Никола Маџиров успева во своите песни да пренесе  слики  кои будат од една страна силен интензитет на емоци, а од друга - станува збор за вообичаени мотиви од животот кои наеднаш се вплетуваат  во атмосферата и  градат трети претстави, многу неочекувани визии со полно  изненадувања. Ме опседнува мешавината на неговата меланхолија и сосема новиот и свеж наплив на мотиви од обичното секојдневие”,  коментира Јулијане Линк
„Ме освои длабоката мисла на Маџиров и секојдневието со кое тој толку невообичаено си игра и го комбинира. И во таа нова  несекојдневна слика, баналните нешта добиваат свој простор кој силно допира, а и покрај тоа нема ни трага патетика. Тоа  не е само умешност, туку и уметност и говори за  Маџиров како за автор од  светската елита, кој иако пишува на јазик кој не е физички распространет, е силен и голем по она што го кажува и пренесува”,  смета и Стефан Мајер, маѓепсан од  стиховите, звуците и тишината кои  протекоа од творештвото на Маџиров среде Берлин.

Lesung mit Nikola Madzirov im Bleibtreu Hotel Berlin
Поезијата на Маџиров на германски ја препеа Александар ЗицманФотографија: Silvera Padori-Klenke
Poesie Festival Berlin 2012
Маџиров ќе ја претставува Македонија и на Олимпијадата на поезијата во ЛондонФотографија: DW