1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МВР ги подготвува новите пасоши

Горан Петрески20 декември 2006

Опремата за изработка на нови пасоши се тестира, граѓаните новите патни исправи ќе ги добијат во април.

https://p.dw.com/p/AdaL
Патна исправа со чип
Патна исправа со чипФотографија: picture-alliance/dpa

Опремата со која германската компанија Гисеке и Девриент ќе ги произведува новите македонски пасоши стаса во Македонија. Пред десетина дена е инсталирана и се тестира во Министерството за внатрешни работи. Но за да ги добијат новите пасоши и лични документи граѓаните ќе треба да почекаат до пролет. Последниот термин што си го одредија надлежните за завршување на работата е првата половина од 2007.

Помошник министерот за односи со јавноста во МВР, Иво Котевски за Дојче Веле изјави. „Според предвидената динамика и планот што е разработен со партнерите, првите пасоши би требало да излезат во април ако се се одвива според планот“.

Котевски од Министерството за внатрешни работи негира дека е пробиен претходно поставениот рок, крајот на 2006. „Не би рекол дека се работи за задоцнување. Тоа се рокови што беа поставени за пристигнување и поставување на опремата. Во моментов пристигнати се неколку машини во Министерството за внатрешни работи, се врши тестирање и инсталирање на софтверот. Всушност се спроведува динамиката која што е договорена така што не станува збор за одложување и МВР нема забелешки во однос на исполнувањето на договорот од страна на Гисеке и Девриент“.

Освен за новите пасоши оваа германска компанија е ангажирана и за изработка на новите лични документи, возачки дозволи и лични карти, проект вкупно вреден 23 милиони евра.

Новите пасоши се еден од условите што Брисел го постави за либерализација на визниот режим. Европа бара квалитетни патни исправи кои нема да може да се фалсификуваат. Ќе имаат вграден биометрички чип, ќе бидат двојазнични и ќе чинат четириесетина евра.