1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МВР: Сите сценарија се’ уште се во игра

СН/АТ/миа/макфакс20 април 2012

Македонското министерство за внатрешни работи не исклучува ниту еден аспект или сценарио во истрагата околу петкратното убиство кај Смилковското Eзеро, но нема да брза со квалификација.

https://p.dw.com/p/14iJu
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Најдени се многу траги во темноцрвениот „Oпел“ за кој министерството за внатрешни работи има докази дека бил на местото на петкратното убиство кај скопско Смилковци, но е потребно време тие да се анализираат, брифираат денеска (20.04) од МВР.

Полицијата ја знае историјата на возилото, но не открива детали кога било внесено во Македонија, кој го купил и кој го продал, но во МВР потврдуваат дека било од поодамна влезено во земјата.

Се проверуваат 50-тина видео снимки

Се испитуваат сите безбедносни камери на бензинските пумпи, а имало и граѓани кои доброволно се јавувале, дека имаат снимки направени со камери и дека снимките може да и’ послужат на полицијата. Се проверуваат педесетина снимки за кои е потребен одреден временски период овие камери да се проверат и да се утврди дали автомобилот е регистриран на некоја од нив.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со анализа на земјата која била најдена на гумите на автомобилот било утврдено дека „Опелот“ бил на местото на убиството. Но, возилото не од скоро е влезено во Македонија.

Според досегашната истрага, убиството се случило околу 20 часот и овој злосторнички чин траел многу кратко време, од пет до десет минути. Извори во МВР велат дека немаат таква информација, дека покрај телата на убиените била најдена лична карта. Се претпоставува дека жртвите се подготвувале да си тргнат, бидејќи светлата на автомобилите биле во позиција.

Од соседните држави само декларативна помош

Случајот бил пријавен околу 22.15 часот. Луѓе коишто минале крај езерото пријавиле дека виделе од далеку оти покрај езерото лежат тела. Тие не знаеле дали се мртви или нешто друго им се случило. Убијците најверојатно дошле од надвозникот кај езерото. Полицијата смета дека се работи за најмалку три лица извршители на убиството, сепак, се’ уште сите сценарија се во опција, ниту едно не е исклучено.

Во игра е и сценариото кое се шпекулира во јавноста, дека ова е одговор на полициската акција „Детонатор“ што ја стресе источна Македонија.

Од полицијата велат, дека тоа што во јавноста не се изнесуваат детали, не значи дека полицијата нема информации.

Во врска со помошта која е понудена од странските разузнувачки служби, пред се’ од соседството, засега се’ се сведува само на декларативна, а изостанува конкретна помош. За протестот што се случи и нередите предизвикани пред зградата на Владата, а во врска со петкратното убиство, МВР има поднесено 14 кривични пријави за учество во толпа.