1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мебел од бетонски текстил

Гена Кетелс/Б.Георгиевски17 август 2012

Делува удобно, но не е! Сепак, мебелот од бетонски текстил на голема врата се пробива во Европа. Виновна за тоа е шведската дизајнерка Марија Густавсон

https://p.dw.com/p/15ofi
Фотографија: Fotolia/spuno

Делува како удобен табурет. Но, оној ќе седне на него ќе доживее непријатно изненадување. Она што изгледа како удобен штоф, всушност е бетон.

„Бев изненаден кога го допрев. Мислев дека е меко, но не е!“, вели овој муштерија.

Оваа неудобна идеја доаѓа од Шведска, од дизајнерката Мариа Густавсон. За нејзината фирма „Свидиш Нинџа“ таа изработува мебел од новиот материјал- бетонски текстил.

Сакав да изработам фотелја која ќе изгледа многу меко, а всушност ќе биде од бетон и на некој начин ќе залажува. Потоа осмислив какви ногарки сакам и ја изработив конструкцијата на која поставив перничиња. Потоа ми преостана само да им дадам убав облик“, објаснува Густавсон.

Марија Густавсон е инжинер и индустриски дизајнер. Во своите дизајни таа ја комбинира спонтаноста со техничкото знаење. Притоа многу сака да експериментира со нови материјали.

„Сакам да работам со материјали кои претходно не биле користени. Тоа ми остава простор за поголема креативност, затоа што немам слика за нешто што постоело претходно. Едноставно, тоа е процес на учење“.

Deutschland Möbel aus Beton für Kunstobjekt Grabungsstädte
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Од згради до фотелји

Бетонскиот текстил првично беше развиен како градежен материјал, затоа што е подолготраен и пофлексибилен од нормалниот бетон.

Кога ќе се навлажни се стврднува. Затоа најчесто се користи за изградба на водо и огно-отпорни засолништа во кризни региони.

„Предизвикот е да се разберат неговите можности и потоа да се обработи. Тој е многу тежок и правлив. Треба да се научи како да се составува. Дали треба да се сошие, со какви алатки, итн.?“, вели Марија Густавсон.

Марија Густавсон користи специјален алат за да го фиксира бетонскиот текстил. Специјална перница му дава форма на материјалот. Потоа прекривката се става врз дрвената конструкција:

„Многу е интересно кога ќе ставите вода врз него. Потоа не ви останува многу време, можеби 30-ина минути, пред материјалот целосно да се стврдне“.

Потоа треба да се чека. По околу 24 часа бетонот е доволно стврднат за да може да се користи. Марија Густавсон веќе креирала различни модели на мебел од бетонскиот текстил.

Дизајнерската колекција вклучува и ламби.

И други дизајнери го открија новиот бетонски текстил. Германскиот дизајнер Флориан Шмид употребува специјална шивачка техника, Британецот Дејвид Тигер-Портман плови со него.

Уметноста пред мебелот

Во нејзиното студио во Малме Марија Густавсон планира изложба и се среќава со бројните заинтересирани странки кои најчесто доаѓаат од странство.

Sessel Gelb
Фотографија: Fotolia/arquiplay77

„Мислам дека луѓето се заљубуваат во овие парчиња и во нив повеќе гледаат некакви уметнички дела, отколку дел од мебелот. Би рекла дека тоа се луѓе кои се повеќе заинтересирани за уметноста отколку за мебелот“, смета Густавсон.

Во Европа единствено „Минт шоп“ во Лондон ги продава овие парчиња. Чинат меѓу 840 и илјада евра. Сопствениците ја запознаа Швеѓанката на минатогодишната лондонска Дизајнерска недела.

„Се работеше за изработка на објекти од одреден материјал кои изгледаат поинаку. Марија го постигна тоа со нејзините прекрасни столчиња. Тоа е една од причините поради ги одбравме и се‘ уште ги чуваме парчињата затоа што се прекрасни“, вели сопственичката на „Минт шоп“, Лорена Лорини.

Мебелот на Марија Густавсон можеби не е онаков како што изгледа, но барем трае долго време.