1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема капацитети за тотален надзор

СН/ам/ап/миа/дпа8 февруари 2014

Во 2006. година американската разузнувачка служба НСА била во можност да собере информации практично за сите телефонски повици, но во моментов тоа не е случај, поради огромниот раст на користењето на мобилни телефони.

https://p.dw.com/p/1B5R0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската Агенција за национална безбедност НСА, според извештаи на два американски весници, може да собира значително помалку телефонски податоци отколку што досега се мислеше. Капацитетите на службата се доволни само за 20 до 30 проценти од информациите за телефонските разговори и смс-пораки, се вели во извештаите на „Њујорк тајмс“ и на „Вашингтон пост“. Причина за тоа е експлозивниот раст на употребата на мобилни телефони, цитираат весниците анонимен владин службеник. Покрај тоа, НСА има проблеми да подготви база на податоци, која би можела дневно да преработува толку голем број на нови информации. Во 2006. година НСА, според наводите на овој владин службеник, била во можност да ги зачува речиси сите информации за тоа кој со кого и кога разговара или му испраќа смс-пораки. Сега разузнувачката служба повторно сака да го достигне ова ниво.

„Владата презема чекори за враќање на претходниот обем на собирањето податоци, коишто не ја вклучуваат содржината на разговорите. НСА се подготвува да добие судска одлука за принудување на мобилните оператори да ги предадат информациите на властите“, пишува „Вашингтон пост“.

Сево ова се случува во заднината на обидите на Белата куќа работењето во оваа сфера да стане потранспарентно и да ги стивнат стравувањата на Американците за нарушувањата на нивната приватност, забележува весникот.

Американскиот претседател Барак Обама во јануари предложи иницијатива за измени на методите на работењето на НСА и им наложи на министерството за правосудство и на американската разузнавачка заедница, до крајот на март годинава, да достават план за нивно спроведување

Во меѓувреме, генералното сојузно обвинителство во Германија соопшти дека сѐ уште нема донесено одлука за тоа дали ќе биде покрената истражна постапка поради аферата со прислушкување од страна на НСА. Инаку, од податоците кои ги изнесе пребеганиот поранешен соработник на НСА, Едвард Сноуден, американската разузнувачка служба го прислушувала мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел, како и на претходниот канцелар Герхард Шредер.