1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мека не му верува на Муслиманското братство

Керстен Книп/ Симе Недевски26 август 2013

Кралската куќа во Саудиска Арабија загрижено ја следи ситуацијата во Египет. Посебно ја вознемирува отпорот на Муслиманските браќа против војската, зашто покажува дека религијата и револуцијата веќе не се противречни.

https://p.dw.com/p/19VzV
Фотографија: Reuters

Религијата има еден див, анархичен елемент. Дека таа треба да се контролира, саудиското кралско семејство сфати најдоцна во 1976. година. Во ноември таа година група вооружени исламисти влегоа во една џамија во Мека, во централното исламско светилиште, и како заложници земаа повеќе стотици илјади аџии. Поголемиот број од нив беше брзо пуштен на слобода. Киднаперите меѓутоа и натаму цврсто се држеа до своето верување дека е дојден крај на светот. Со тоа е дојдено време за покајување, како што објави нивниот лидер, поранешен припадник на националната гарда Џухајман ал Утаиби. Предвиденото доаѓање на последниот ден меѓутоа не го спречи во тоа да бара и соборување од власт на кралската куќа и владеење на исламското право (Шеријатско право) во арапскиот свет.
Кралската куќа брзо реагираше. Уште истиот ден нареди да се опколи џамијата. Борбите со киднаперите траеја 2 недели, загинаа околу 330 луѓе. На крајот следбениците на Утаиби решија да се предадат. Седум дена подоцна, режимот нареди да бидат убиени околу 70 киднапери меѓу кои беше и самиот Џухајман ал Утаиби.

Религија и револуција

Опасности, иако не големи, саудиската кралска куќа гледа и во актуелните акции на египетските Муслимански браќа. Саудијците во таа организација гледаат опасна мешавина на религиозни и на политички мотиви. Исто како што тоа некогаш го направија борците на ал Утаиби, тоа го прават и Муслиманските браќа. Тие посегнуваат по оружје кога се чувствуваат потиснати. Тоа саудиската кралска куќа ја прави нервозна. Таа пред сѐ се плаши дека примерот на Муслиманските браќа би можел да стане популарен и во Саудиска Арабија. Поради тоа кралската куќа најави дека финансиски со милијарди долари ќе ја поддржи египетската воена власт, доколку западните земји ја укинат својата поддршка. „Муслиманските браќа се основани во 1928. година како движење на отпорот против, како што сметаа, на неморалните струења од Запад“, објаснува Кристијан Волф од Ерланген во разговорот за ДВ. Ова движење било меѓутоа насочено и против многу теолошки ставови во исламот. „Свесно се дистанцираа од традиционалното учење кое секогаш се прилагодувало кон владејачкиот режим.“ Тие меѓутоа не сакаа само да го сменат мислењето туку и општествениот поредок.

„Притоа се повикуваа на модерни учења. И токму со тоа се разликуваат од вехабискиот ислам кој е државна религија во Саудиска Арабија.“
Муслиманските браќа на тој начин се залагаат за религиозно инспирирано реформско движење кое има корени во раните години на 20. век. Од 80-тите години на минатиот век движењето доби дополнителен замав. Тогаш се навестуваше падот на марксистичките и националистичките доктрини, на кои во арапскиот свет се повикуваа бројни опозициски струи. Идеолошкиот вакуум е исполнет со различни форми на ислам. Значаен исклучок е вехабискиот ислам кој е службена религија во Саудиска Арабија.
Делови на модерното општествено-критичко размислување влегоа и во исламистичките протесни движења денес. Во нив се вбројува и прашањето за легитимност на владата - и тоа е една точка која ја вознемири конзервативната кралска куќа. „Саудиска Арабија е монархија и таа монархија ја оправдува теолошки“, вели Волф. Муслиманските браќа спротивно на тоа следат еден сосема друг концепт: „Во своето политичко размислување тоа движење секако стигна до политичка модерност и важно му е владата да има легитимна поддршка од народот. Токму тоа ѝ пречи на Саудиска Арабија.“

Бројни предизвици

На Саудијците тоа им пречи уште повеќе со оглед на фактот дека општествениот и религискиот поредок на кралската куќа стои пред социјални и демографски предизвици. Една петина од вкупно 27 милионското население се „гастербајтери“, кои потекнуваат главно од југоисточна Азија. Речиси 50 проценти од населението се помлади од 25 години, од кои поголемиот број благодарејќи на дигиталните медиуми, се добро информирани за случувањата во светот. Истовремено, досегашните хуманитарни програми не беа доволни за да се решат социјалните проблеми. Така една четвртина од населението живее во сиромаштија. Стапката на невработеност во 2011. изнесуваше 12 проценти. Покрај тоа доаѓа и до религиозна нетрпеливост меѓу мнозинското сунитско население и шиитските малцинства на истокот на земјата.
„Тоа доведе до чувствителен социјален притисок, поголем одколку порано“, вели Кристијан Волф. Населението знае дека граѓаните од другите земји имаат поголема слобода. Исто така видоа како низ револуција и народни протести се симнуваат од власт владејачки режими. Кралската куќа се обидува да го намали тој притисок. Затоа ригорозно постапува против сите за кои смета дека би можеле да ѝ наштетат. „Тоа најпрво го чувствуваат исламските групации. По нив, меѓутоа, тоа го чувствуваат и сосем нормалните политички актери, кои бараат да имаат право на соодлучување“, вели Волф.

Saudi Arabien Frau in Riad
Фотографија: Fayez Nureldine/AFP/Getty Images
Arabischer Gipfel in Riad Saudi-Arabien König Abdullah Präsident Mubarak un Präsident TAlabani
Фотографија: AP