1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мек Кеин победи во Флорида

30 јануари 2008

Американскиот сенатор Џон Мек Кеин победи на предизборите за претседателска кандидатура на Републиканците во сојузната држава Флорида. Кај Демократите Хилари Клинтон освои победа над нејзиниот главен ривал Барак Обама

https://p.dw.com/p/CzhU
Важни поени за Џон Мек КеинФотографија: AP
Нашата победа нема размери на потрес на земјата, но сепак е слатка,вака ја опиша Републиканецот Џон Мек Кеин уште едната победа. По многу агресивната изборна борба со најлутиот конкурент од Флорида, Мит Ромни, тој ги убеди луѓето да гласаат за него, со што дојде во водство. Тоа не значи само дека може да собере нови донации,туку покажа дека ја има поддршката, иако има разнишани односи со многумина Републиканци, кои го сметаат за премногу либерален. Неговите досегашни успеси беа припишувани на гласовите на независни гласачи. Сенаторот токму ова го истакна во победничкиот говор.
Неизвесна трка кај Републиканската партија
Со ова трката за претседателски кандидат на Републиканската партија останува неизвесна. Второпласираниот Мит Ромни, поранешен гувернер на Масачусетс, ќе продолжи да се бори и натаму, истото го најави и Мајк Хакаби, поранешниот гувернер на Арканзас, кој иако е четврти, гледа нанапред.Тој се надева на победа следната недела, на изборите во Мисури, Оклахома, Арканзас, Алабама и Џорџија и другите држави. Се очекува Руди Џулиани,поранешниот градоначалник на Њујорк, кој сите надежи ги полагаше во Флорида, да се откаже од трката за номинација за претседателски кандидат. Тој би го поддржувал Џон Мек Кеин.
Клинтон со јасна победа
На Хилари Клинтон од Демократската партија, победата над нејзиниот главен конкурент Барак Обама во Флорида не и носи поени за номинацијата. Зашто, Демократската партија ја казни оваа сојузна држава за изборите кои ги закажа прерано со тоа што не ги смета гласовите на нејзините делегати. Кандидатите од Демократската партија овде не водеа кампања, но Клинтон сепак славеше со нејзините симпатизери: „Овде имаше огромен одзив на гласачите, зашто луѓето во Флорида сакаа да се слушне нивниот глас за прашањата кои ги засегаат нацијата и светот. Одушевена сум од довербата која ја добив од вас.Ви ветувам дека вашите гласови сепак ќе важат,“ порача Клинтон. Како таа мисли да го изведе тоа, не е јасно. Според претходниот договор, ниту Барак Обама, ниту Џон Едвардс не беа синоќа во Флорида. Тие се концентрираат на супер вторникот, на 5 февруари, кога двете партии имаат избори за номинација за претседателската функција во повеќе од 20 сојузни држави.

►◄