1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мендела опериран, се чувствува добро

25 февруари 2012

Нелсон Мендела денеска (25.02) е хоспитализиран поради стомачна болест. 93-годишната икона на борбата против апартхејдот, по операцијата е во стабилна состојба.

https://p.dw.com/p/14A9y
Фотографија: dapd

Нелсон Мендела „долго време се жали на стомачни проблеми и докторите сметаат дека е неопходен специјален медицински надзор“, рече претседателот на ЈАР Џејкоб Зума, бараќи да се почитува приватноста на поранешниот претседател.

Сепак, британската радиодифузна корпорација Би-Би-Си, повикувајќи се на претставник од јужноафриканската влада, објави дека Мендела е опериран од кила и оти неговата состојба е стабилна. Мендела е опериран во болницата во Јоханезбург. Ова не е првпат првиот црн претседател да заврши во болница. Минатата година тој беше хоспитализиран поради акутна инфекција на дишните патишта. Со текот на времето јавните појавувања на Мендела станаа реткост. Тој последен пат се појави во јавноста на финалето на светското фудбалско првенство, што се одржа во Јужноафриканската Република во јули 2010-та година.

Смирување на населението

По минатогодишното хоспитализирање на Мендела властите во земјата увидоа дека населението го фати паника за здравствената состојба на омилениот водач. Затоа, во најновиот случај на болнички третман тие ги смируваа граѓаните со тврдење дека „не постои простор за загриженост“ и ги повикаа да не паничат.

Symbolbild Nelson Mandela
Нелсон Мендела во последно време беше повеќе пати хоспитализиранФотографија: Reuters

До населението се обрати и најстарата внука на Мендела, која рече дека не треба да постојат грижи поради хоспитализирањето на јужноафриканската икона.

„Не гледам дека тоа е некоја голема работа. Тој е во перфектна здравствена состојба. Кога го видов во средата тој имаше добар дух и перфектно здравје за човек на негова возраст“, рече Ндилека Мендела.

Нелсон Мендела беше избран за прв црн претседател на Јужноафриканската Република во 1994 година, на првите слободни избори во историјата на земјата на коишто учествуваа рамноправно и претставници на белото и на црното население. На претседателската функција дојде откако претходно мина 27 години во затвор за борба против расизмот. За таквите напори доби и Нобелова награда за мир.

Автор: Александар Методијев /ап/макфакс/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска