1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара натамошни реформи во ЕУ

Б. Георгиевски/дпа/ртр18 декември 2013

Во првиот говор по формирањето на владата во Берлин, германската канцеларка порача дека реформите во ЕУ ќе бидат еден од главните приоритети во новиот мандат. Албанија не е подготвена за ЕУ, Македонија не е спомената

https://p.dw.com/p/1Abs5
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Подлабока ЕУ- интеграција ќе биде централна задача на новата германска влада, порача во говорот посветен на состојбите во Унијата пред пратениците во германскиот Бундестаг, канцеларката Ангела Меркел.

„Владата на широката коалиција ќе работи на тоа, Германија како земја основач на ЕУ, и понатаму да игра одговорна улога и да се залага за натамошна интеграција во Европа“, порача Меркел.

Германската канцеларка во говорот не посвети многу простор на идното проширување на ЕУ, но јасно најави дека Србија ќе може да ги започне преговорите за членство во јануари следната година. Исто така, Меркел рече дека смета оти Албанија не е подготвена и не може да се надева на почеток на преговори, туку најпрво мора да спроведе реформи. На владата во Тирана и се ветува помош и поддршка за натамошна борба против корупцијата.

Германската канцеларка најави дека и понатаму ќе бара од земјите зафатени со економската криза да ги реформираат своите економии. Еврозоната и ЕУ се на добар пат да ја надминат кризата, но Унијата може на долг рок да се стабилизира и да напредува само со натамошни реформи. Тоа ќе се постигне со подобрување на конкурентноста и намалување на невработеноста меѓу младите, но и со корекции во „основната структура“ на ЕУ.

Германија ќе бара, членките на еврозоната во иднина да потпишуваат обврзувачки договори со Европската комисија за реформа на нивните социјални системи, закони за работни односи и бирократијата.

„Целта е да се создаде Европа на стабилност, развој и социјална сигурност“, порача Меркел.

„Знам дека спроведувањето на измени во договорите може да биде тешко во земјите-членки (на еврозоната, н.з.), но доколку сакаме повеќе Европа, мораме да бидеме подготвени да ја развиваме натаму. Во свет кој постојано се менува, не можеме да стоиме одстрана и да велиме дека го имаме Лисабонскиот договор, и дека нема потреба тој повторно да се менува“, порача Меркел.

Merkel Regierungserklärung 18.12.2013
Првите луѓе на новата германска влада: шефот на дипломатијата Штајнмајер, министерот за економија Габриел и канцеларката МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Германските коментатори тврдат дека една од главните цели на третиот мандат на Меркел ќе биде излез од економската криза во еврозоната, врз база на економски реформи и поголема контрола од Брисел.

Но, во исто време, Меркел денеска ја критикуваше Европската комисија поради отворањето дисциплинска постапка против Германија, поради одлуката на Владата да ја субвенционира електричната енергија за големите производители:

„Сѐ додека постојат европски држави во кои струјата за индустријата е поефтина од онаа во Германија, не можам да разберам како ние придонесуваме за нарушување на конкурентноста“.

На крајот таа порача и дека Украина сѐ уште има шанса да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ, и покрај вчера потпишаниот договор за соработка со Русија.