1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара построг закон за оружје

Дојче Веле/ДПА/Н.Г.16 март 2009

По крвавиот масакр во училиштето во Виненден, малото градче се обидува да се врати во нормала. Сеуште се трага по мотивот за масакрот на Тим К. Во јавноста дебата - дали треба да се заостри законот за оружје?

https://p.dw.com/p/HCjo
Германската канцеларка Ангела МеркелФотографија: AP

Германската канцеларка Ангела Меркел повика на построга контрола на оружјето во земјата. „Веројатно нема никогаш да можеме да спречиме вакво нешто да ни се случи во иднина, но една од лекциите што ги научивме од овој страшен настан е дека мора да бидеме претпазливи“, рече канцеларката во интервју за германското радио „Дојчландфунк“.

„Поседувањето на оружје и муниција, мора да биде контролирано и да има соодветни правила за тоа“ рече Меркел. Таа предложи и „ненајавени проверки“ на луѓето кои легално поседуваат оружје за да може да се провери дали го чуваат прописно. Причина за ова е заклучокот од досегашната истрага дека Тим К. масакрот во училиштето го извршил со пиштол и муниција од татко му, кој легално ги поседувал.

Trauer nach Amoklauf in Winnenden Trauernde
Тага се надвисна над ВиненденФотографија: AP

Рот: предлогот на Меркел недоволен

За Клаудија Рот, од Зелените, предлогот на канцеларката е недоволен: „Во Германија има околу седум милиони парчиња опасно орује, кое легално го поседуваат приватни лица. Со ваква бројка, по масакрот во Виненден барањето може да биде само разоружување“, рече Рот. Според неа, политиката мора да даде знак дека се залага за заштита на децата, а не за интересите на лобито на индустријата за оружје.

Синдикатот на германската полиција смета дека и сегашниот веќе заострен закон за оружје е доволен, но дека не се спроведува соодветно.

„Ние ги заостривме регулативите за поседување и чување оружје уште по сличниот масакр во училиштето во Ерфурт во 2002 година, но никој не проверува дали тие правила се почитуваат“, вели првиот човек на синдикатот на полицајците, Рајнер Венд, за агенцијата ДПА. Тој нагласува дека не е проблемот во законот, туку во неговата имплементација. Според законот, оружјето кое легално се поседува мора да биде добро обезбедно и заклучено.

Можно обвинение и за таткото?

Waffenmesse IWA 2009 in Nürnberg
Специјален ормар за чување оружјеФотографија: picture-alliance / dpa

Според анкетата којашто вчера ја направи весникот „Билд“, околу 78% од Германците поддржуваат забрана на чување оружје дома. Дури 41% од нив се за тоа учениците да се претресуваат пред да влезат во училиштата. Во меѓувреме полицијата се’ уште трага по мотивот на Тим К. за масакрот. Информациите дека тој го најавил делото на интернет се покажаа како неточни. Исто така се размислува и за покренување на обвинение против неговиот татко му за убиство од небрежност. Како член на спортско стрелачко здружение, таткото поседувал повеќе парчиња оружје и муниција. Но, пиштолот којшто син му го употребил во масакрот бил во фиока од спалната соба, а не во специјалниот ормар за чување оружје.