1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во приватна аудиенција кај папата Франциско

ЖА/дв/дпа/ртре18 мај 2013

Германската канцеларка Ангела Меркел во Ватикан беше примена во приватна аудиенција кај папата Франциско. Ова е втора средба на канцеларката протестантка и поглаварот на Римокатоличката црква.

https://p.dw.com/p/18aNs
Фотографија: Reuters

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска беше примена на аудиенција од поглаварот на Римокатоличката црква Франциско.

На средбата во приватната библиотека на папата во Ватикан, која траела околу 45 минути, Меркел и папата Франциско разговарале за прашања поврзани со верата, глобализацијата и улогата на Европа во светот.

По средбата Меркел изјави дека регулирањето на пазарите е главна цел, а функцијата на економијата е да им служи на луѓето.

Angela Merkel zu Besuch bei Papst Franziskus
Фотографија: picture-alliance/dpa

Папата Франциско неодамна ја осуди „тиранијата“ на пазарите и побара финансиски реформи, проследени од поголема помош за сиромашните. Тој истакна дека „парите треба да им служат на луѓето, а не да ги раководат“.

„Разговорот со папата е признание за Германија“, нагласи Меркел, додавајќи дека тој може да им се доближи на луѓето со прости и трогателни зборови. Според германската канцеларка, папата Франциско јасно ставил до знаење дека Европа му е потребна на светот.

Ова беше втора средба на канцеларката и папата Франциско. На 19 март Меркел присуствуваше на свечената миса по повод стапувањето на Франциско на должноста, при што лично му го честиташе изборот за наследник на папата Бенедикт Шеснаесетти. Таа уште тогаш го поканила папата да ја посети Германија.