1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Европа е на вистински пат

Б.Георгиевски/дпа/дв16 јули 2012

Германската канцеларка Ангела Меркел во интервју за државната телевизија го бранеше нејзиниот курс кон кризата во еврозоната и го повтори цврстиот став кон земјите должници како Грција и Шпанија.

https://p.dw.com/p/15YCR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка очекува прашањето за иднината на ЕУ да биде една од главните теми и на парламентарните избори во земјата закажани за следната година. Според Меркел, прашањето за солидарноста со другите земји членки на ЕУ ги засега не само граѓаните на Германија, туку и во сите останати членки на Унијата.

„Од таа причина, гласањето следната година ќе биде и за состојбата во Европа и за тоа какви очекувања имаме од Европа“, рече Меркел.

Таа ги отфрла критиките дека со компромисот постигнат на последниот самит на ЕУ во Брисел, Меркел всушност ја загубила битката за поцврста контрола на буџетите на земји-должнички. Одлуката, европскиот фонд за спас директно да ги помага банките исто така не претставува опасност дека Германија ќе треба да плаќа за кризата во сиромашните членки.

Меркел повтори дека нема да попушти пред притисоците и дека и натаму ќе бара стриктна контрола.

„Сите обиди да се бара солидарност без било каква контрола и услови, таквите обиди немаат шанси кај мене, или кај Германија“, порача Меркел.

„Германските ресурси не се неограничени и ние како Европа сме соочени со конкуренција низ целиот свет и мораме да бидеме конкурентни, доколку сакаме да го сочуваме нашиот просперитет“.

Германските пратеници на 19 јули на специјална седница ќе гласаат за зголемување на помошта на ЕУ за Шпанија на околу 100 милијарди евра за докапитализација на тамошните банки. И покрај најавите дека одредени пратеници од нејзината парламентарна група нема да го поддржат предлогот, Меркел очекува да добие апсолутно мнозинство во Бундестагот со помош на гласовите и на опозицијата.

Интервјуто на Меркел за вториот канал на германската државна телевизија заврши со нејзина дефинитивна потврда оти повторно ќе се кандидира за канцелар на парламентарните избори следната година, што би бил нејзин трет мандат на чело на владата.