1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: “Европски устав е потребен“

Нина Веркхојзер11 мај 2006

Ова беше нејзина прва владина изјава и тоа за европско-политички прашања. Канцеларката Ангела Меркел, денеска во Бундестагот говореше за европскиот устав, блискоста на унијата до граѓаните и иднината на ЕУ. Прашања, дотолку поважни ако се има предвид фактот дека Германија ќе претседава со ЕУ во првата половина на 2007 година.

https://p.dw.com/p/Ac6j
Меркел во Бундестагот
Меркел во БундестаготФотографија: AP

Германската канцеларка сака да ги привлече повеќе граѓаните на страна на ЕУ, сака да ги растера нивните стравувања и сомнежи. За такво нешто не е доволен само поглед назад, иако тој поглед покажува историја на успех, рече Меркел:

“Мислам дека не се работи ни повеќе ни помалку од тоа на историската подлога на ЕУ да додадеме нов облик.“

А, тој облик, според Меркел, лежи во силата која произлегува од заедништвото на 25–те земји членки. Само ако се заедно, 450-те милиони граѓани на ЕУ ќе можат да влијаат врз правилата на светската трговија:

“Ние на многу места настапуваме како ЕУ и со тоа можеме да влијаеме многу повеќе. Тоа значи, онаму каде што заеднички ги спроведуваме нашите интереси, секоја земја сама за себе не би успеала.“

Германската канцеларка смета дека на Европа и е потребен устав за да остане способна за дејствување на долг рок. “Со оглед на тоа што е толку тешко и со оглед на тоа што интересите се толку различни, со оглед на се што се случува, јас сум против тоа да се донесе избрзан заклучок кој повторно ќе не доведе во состојба во која нема да можеме да напредуваме. Сметам дека треба многу добро да размислиме како успешно да го завршиме уставниот проект. “

Кога Германија ќе го преземе претседавањето со ЕУ во првата половина на 2007 година, германската канцеларка ќе се грижи не само за тешкото прашање на уставот, туку ќе се бори и против бирократијата и ќе ја развива политиката на добрососедски односи на ЕУ. Дотогаш не останува многу време за извршување на домашните задачи: “И, ако ние бевме тие што, на пример, го воведовме Пактот за стабилност за на луѓето да им пружиме сигурност, не е во ред ако тој пакт го кршиме по трет,четврт или петти пат “, рече Меркел.

Токму тоа беше делот врз кој целеше опозицијата – многу надежи во ЕУ се засноваат врз Германија, рече Вернер Хојер од либералите...

“...но стремеж за европски реформи без храбра национална реформска политика, тоа не оди.“

За шефот на фракцијата на Партијата на левицата, Грегор Гизи, неразбирливо е што канцеларката и натаму се држи до европскиот устав: “Токму ако се сака ЕУ, како што ја сакаме и ние, треба да се размисли. Велам – размислете за воениот дел повторно и размислете и за другите работи, имено размислете за потиснувањето на неолиберализмот од уставот.“

Критики за владината изјава на Меркел даде и шефот на франкцијата на зелените, Ренате Кинаст. Според нејзе, во изјавата недостигале јасни ставови за темите енергија, образование и истражување.