1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Оланд ќе излезат со заеднички предлог за ЕУ

Александар Методијев/ројтерс/дапд22 јануари 2013

Франција и Германија во мај заеднички ќе поднесат предлози за продлабочување на економската и монетарна унија. Тоа денеска го објавија германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд.

https://p.dw.com/p/17Oye
Фотографија: Reuters

Тие се сретнаа денеска во Берлин по повод одбележувањето на 50-годишнината од потпишивањето на Елисејскиот договор. Заедничките германско-француски предлози ќе треба да се разгледаат на самитот на ЕУ во јуни. Детали од тие предлози денеска не беа објавени.

Целта е во моментов на тлото на ЕУ, покрај за Фискалниот пакт и банкарската унија, да се направат договори и за економските политики во еврозоната. Одредени евро-земји исто така предлагаат формирање на нов механизам за солидарност, кој би им помогнал на земјите со посебно висока стапка на невработеност.

Меркел на прес-конференцијата нагласи дека двете земји имаат одговорност за справувањето со кризата и оти целта е да се комбинира економската моќ со социјалната кохезија. Оланд и’ се заблагодари на Меркел за „топлото добредојде“ во Германија и рече дека на Европа и’ е потребна доверба за земјите да можат во иднина да комуницираат.

Двете влади потпишаа план на 19 страници со проекти за развој на билатералната соработка. Меѓу другото е и планот за создавање заедничка работна група за социјалните партнери во двете земји, во која ќе бидат застапени претставници на работодавачите и синдикатите, а планирано е и создавање на заедничка агенција за вработување, која ќе се фокусира на пограничните региони. Исто така, планирано е и засилување на заедничката соработка во делот на обновливите енергии.