1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Оланд ќе сторат се’ за да го спасат еврото

БГ/афп/ртр27 јули 2012

Германската канцеларка и францускиот претседател најавија дека ќе сторат се’ што е во нивна моќ да ги заштитат еврозоната и заедничката европска валута.

https://p.dw.com/p/15fUv
Фотографија: Reuters

Канцеларката Ангела Меркел и шефот на француската држава Франсоа Оланд во заедничка изјава денеска (27.07) соопштија дека се „длабоко посветени на интегритетот на еврозоната“. По денешната телефонска конференција, двајцата лидери соопштија дека за тоа да се оствари, членките на еврозоната и европските институции „мора да ги реализираат своите обврски, секој во своето поле на одговорност“.

Во пресрет на разговорите, беше најавено дека тие ќе се фокусираат на економските реформи кои беа предложени на последниот самит на ЕУ, а кои беа насочени кон надминување на должничката криза во Европа и особено кон состојбата во Шпанија.

Оланд во средата (25.07) изјави дека очекува брза и стриктна имплементација на договорените реформи, додавајќи оти лидерите на ЕУ ќе мора да работат со иста брзина со која пазарите реагираат на кризата во еврозоната.

Со договорот беше предвидено да се одвојат дополнителни 500 милијарди евра за спасувачкиот фонд со кој директно ќе се спасуваат задолжените банки, без притоа таа сума да се рефлектира врз националниот долг на државите.

Каматите под кои се задолжува Шпанија неделава пораснаа до 7 проценти, ниво на кое претходно Ирска, Португалија и Грција беа принудени да побараат помош од Унијата, а притоа невработеноста во Шпанија, според официјалните податоци објавени денеска, достигна рекордни 25 проценти.