1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Саркози најдоа решение за “Ербас“

17 јули 2007

Пред средбата со новиот британски премиер канцеларката Меркел водеше разговори со францускиот претседател Николас Саркози во Тулуз.

https://p.dw.com/p/BJ0L
Меркел и Саркози во халата на „Ербас„ во ТулузФотографија: AP

Седиштето на главната фабрика на европскиот авио концерн Ербас беше најпогодното место за средбата на која главна тема беше натамошната судбина на раководните структури во европскиот концерн за воздушен сообраќај ЕАДС. За компромисното решение, што треба да ја надмине блокадата и долгите битки за национални интереси – прилог испрати Клаудија Дег.

Во монтажната хала на најголемиот патнички авион на светот, ербас А380 беа собрани стотици работници. Проблемите со производството на престижниот авион доведоа до тешки спорови меѓу Германија и Франција. Најдоцна во таа ситуација стана јасно дека двојното раководство на претпријатието претставува пречка за добро работење. Затоа канцеларката Ангела Меркел и претседателот Николас Саркози постигнаа спогодба за нова раководна структура. Меркел пред вработените оцени дека ова е посебен момент:

“Многу ме трогна денеска да ве видам во толкав број овде, многу француски работници, но и многу германски. Тоа токму покажува колку е длабоко германско-француското пријателство...“

Работниците претходно веќе слушнаа од новинарите каква ќе биде новата раководна структура. Французинот Луј Галоа, досегашен шеф на Ербас, ќе биде претседател на ЕАДС, европскиот концерн за воздушен сообраќај. Германецот Томас Ендерс останува шеф на ербас. 48-годишниот топ менаџер се чинеше задоволен од ваквото персонално решение:

“Иднината на концернот се решава токму со способноста на ербас, тоа е вистинското жариште, тука може човек најмногу да придонесе за добробитта на концернот и затоа ова е за мене добра варијанта.“

Со моќниот управен одбор на концернот исто така ќе управува Германец: тоа е Ридигер Грубе. На негово место за пет годони, според принципот на ротација, ќе дојде Французинот Арно Лагардер, најави претседателот Саркози:

“Потоа претседател на Управниот одбор ќе биде Французин. Ако тој сака, тогаш тоа ќе биде Арно Лагардер, кому многу му благодарам за помошта во изнаоѓањето на ова решение.“

И Саркози и гостинката од Берлин очигледно се потрудија да остават впечаток на добра атмосфера по повеќемесечните спорови околу кризниот менаџмент со Ербас и европскиот концерн за воздушен сообраќај, ЕАДС.