1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Саркози предлагаат економска влада за еврозоната

17 август 2011

Тие што очекуваа многу од француско-германскиот самит во Париз, беа предупредени дека не треба да очекуваат ништо „спектакуларно“. Состанокот донесе само неколку предлози за подобро економско управување на еврозоната.

https://p.dw.com/p/12I4b
Фотографија: picture alliance/dpa

Претседателот Никола Саркози и канцеларката Ангела Меркел на вчерашниот француско-германски самит кој се одржа во Елисејската палата се заложија за серија на предлози за зголемување на координацијата на екононските и финансиските политики во евро зоната.
Меркел и Саркози најавија дека двете земји предлагаат создавање на економска влада на еврозоната, во која би членувале сите шефови на држави и влади на земјите членки на еврозоната, која би се состанувала најмалку два пати годишно, со стабилен претседател со две и пол годишен мандат. За нејзин претседател, тие го предлагаат Херман Ван Ромпој.

Француско-германската двојка предлага сите 17 земји-членки на еврозоната најдоцна за една година да го усвојат таканареченото „златно правило“ за враќање на буџетската рамнотежа и намалување на буџетскиот дефицит. Правилото веќе важи во Германија, а Саркози се надева да го наметне и во Франција.

Париз и Берлин во септември планираат на европско ниво да предложат и воведување на такса за финасиските трансакции.

Околу еврообврзниците, Саркози и Меркел сметаат дека има шанси за нив да се размислува подоцна. Тие во моментов би ги ставиле во опасност стабилните земји на еврозоната.

NO FLASH Nicolas Sarkozy und Angela Merkel in Paris
Меркел и Саркози - капетани на европскиот брод?Фотографија: dapd

Важни политички одлуки - сметаат француските коментатори

Францускиот печат се сомнева дека донесените одлуки ќе ги смират финансиските пазари. „Либерасион“ зборува за „минимален самит“, жалејќи што идејата за воведување на еврообврзници е оставена настрана. Во регионалниот печат коментарите се многу остри. Весникот „Алзас“ смета дека идејата Ван Ромпој да биде претседател на економската влада нема да ги смири пазарите. Слично размислува „Парис-Нормандија“ и „Суд Уест“.

Париски „Фигаро“ е единствениот исклучок, тој смета дека Саркози и Меркел покажале дека за време на летната бура, има капитен на кормилото на евро зоната. Не само еден туку двајца!

Оливие Мазрол од БФМ ТВ анализира: „Француско-германската усогласеност изразена преку Ангела Меркел и Никола Саркози, е потврдена со неколкуте најавени мерки и посебно со определбата дека двете земји при подготовките на буџетите ќе напредуваат во иста насока. Исто како и изразената определба на двете земји да се постигне поголема економска интерграција на евро зоната, треба да се кажи дека таа економска интеграција се прави според генрманската метода, односно дека буџетската урамнотеженост дозволува економски пораст.“

За европските и француски реакции, прочитајте на втората страница.

Европа и` аплаудира на германско-француската двојка

Претседателот на Европската комисија, Жозе-Мануел Баросо, ги поздрави „важните одлуки“ донесени на француско-германскиоот самит, кои се однесуваат на евро зоната. Предлозите на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози за економското владеење со еврозоната, според Баросо „ претставуваат значаен политички придонес од двете големи економии на еврозоната во дебатата и работата која е во тек за овие прашања.“

Премиерот на Шпанија, Хозе Луис Родригез Запатеро исто така го поздравува постигнатото на самитот во Елисејската палата, бидејќи тоа според него „претставува значаен напредок за економската унија на евро зоната.“

Грција истакна дека е задоволна од резултатот на самитот, при што Атина ја оценува како „позитивна“ пораката упатена од Меркел и Саркози.

Самит на немоќта?

Политичките реакции во Франција, пак, се различни. Никола Саркози според француските коментатори сака да се претстави како човек кој може да се справи со кризата, една година пред претседателските избори, усовршувајќи го притоа имиџот на „одговорен претседател кој заштитува “.

Националната телевизија „Франс2“ смета дека Саркози го искористи самитот за да „ја присвои“ една од главните мерки на економската програма на социјалистите за воведување на данок врз финансиките трансакции, внесувајќи ја Европа во внатрешната политичка игра на Франција, со претворање на „златното правило“ во обврска за земјите од еврозоната. Тој самиот рече дека ако парламентот во Франција не го усвои ова правило, Французите се тие кои ќе се изјаснат во 2012 година.

EU Finanzkrise Merkel Sarkozy Paris NO FLASH
Меркел и Саркози не се зафатија со суштината на проблемот, критикува француската опозицијаФотографија: dapd

Француските социјалисти не случајно сметаат дека новата средба на Никола Саркози и Ангела Меркел беше „само нов самит на немоќта“.

„Најавија економска влада на еврозоната, односно два состаноци годишно претседавани од Ван Ромпој, кој веќе е претседател на Европската Унија. Дали веќе сте слушнале нешто од Ван Ромпој за кризата која трае од 2008 година? Ако тој имаше одговори, ќе ни ги дадеше. Не ни требаат состаноци, туку одлуки, за жал денес нема одлуки кои беа потребни да се донесат за кризата“, изјави првата секретарка на француските социјалисти Мартин Обри, чија партија е против воведувањето во уставот на така нареченото „златно правило“ за буџетска урамнотеженост.

Жан-Луи Борло, претседателот на радикалната партија ги поздравува француско-германските предлози. Претседателот на Радикалната партија смета дека светот на финансиите треба да придонесе за решавање на кризата:

„Среќен сум бидејќи тоа претставува победа. Данокот врз финансиските трансакции е многу важен настан. Треба да се сфати дека големиот финансиски свет, кој од пред две години повикуваше на помош од граѓаните ги избегна сите даноци врз трансакциите. „Златното правило“ и заздравувањето на јавните финансии нема да биде доволно. Без регулација на финансискиот свет за жал нема да биде доволно“, смета Борло.

Претседателката на Националниот фронт, Марин Ле Пен, смета дека овој самит не беше поефикасен од другите самити, бидејќи „тој не се зафати со суштината на проблемот – заедничката европска монета која полека не убива“, вели таа.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема