1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Косовската влада да се однесува одговорно

19 декември 2011

Германската канцеларка Ангела Меркел побара од Србија и Косово да најдат брзо решение за конфликтот околу границата на северот од Косово. Според Меркел, владата во Косово мора да се однесува многу одговорно.

https://p.dw.com/p/13VYT
Меркел: Германија не е заинтересирана за постоење паралелни структури на КосовоФотографија: dapd

Канцеларката Меркел по денешната средба на приштинскиот аеродром со косовскиот премиер Хашим Тачи порача дека Косово не смее од заднина да го поттикнува конфликтот на границата со Србија. Во исто време, таа ја охрабри Србија да престане со поддршката на припадниците на српската заедница на Косово.

„Постои потреба за решенија за слободна трговија и прекугранична соработка и не сме заинтересирани за постоење на паралелни структури на Косово“, рече Меркел.

Премиерот Тачи изјави дека Косово „е определено да го затвори поглавјето на конфликти и кризи“.

Hashim Thaci Regierungschef Kosovo
Премиерот Хашим Тачи изјави дека Косово е определено да го затвори поглавјето со конфликти и кризиФотографија: picture alliance/dpa

Меркел оцени дека Косово мора само да се развие во демократска држава. Таа потсети дека летово го охрабрила и српскиот претседател Борис Тадиќ за постигнување решение на конфликтот меѓу Србија и Косово. Во исто време побара Косово да го направи својот дел од задачата и да ги продолжи контактите со Србија и со претседателот Тадиќ. „Знаеме од историјата дека има проблеми кои можат да се решат со многу трпение“, рече Меркел.

Тачи вети дека ќе води дијалог со Србија, според кого тоа е единствената опција да се решат сите прашања.Тој се надева дека и Србија е подготвена на тоа.

„Сакаме да изградиме мултиетничка демократска земја“, рече Тачи.

Меркел на приштинскиот аеродром беше пречекана со највисоки државни почести. Германската канцеларка беше пречекана од премиерот Тачи, голем број министри и заменици, како и почесниот вод на безбедносните сили на Косово.

Меркел разговараше и со командантот на КФОР генералот Ерхард Древс, шефот на ЕУЛЕКС Гвазије Бу де Марнако и претставникот на ЕУ на Косово Фернандо Џентилини. Меркел ги посети и припадниците на германскиот Бундесвер кои се дел од силите на КФОР на Косово, стационирани во седиштето на КФОР во близина на главниот град Приштина. Меѓу околу 6 000 војници на КФОР од 30 земји во светот, 1 300 се од Германија.

Неодамна на северот на Косово во судир на косовските Срби со војниците на КФОР беа повредени двајца германски војници.

Автор: Александар Методијев / дпа / дапд / бета

Редактор: Ж.Ацеска