1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150710 Merkel Pekinger

16 јули 2010

По посетата на Русија, германската канцеларка Ангела Меркел оствари средби со раководството во Кина. Што знаат граѓаните на Пекинг за високиот гостин од Германија?

https://p.dw.com/p/OMuG
Ангела Меркел во ПекингФотографија: AP

„Качени сме на ист брод“ - со овие зборови денеска (16.07.10) кинескиот премиер Вен Џиабао ја испрати својата гостинка од Германија, канцеларката Ангела Меркел. Таа вели дека Берлин сака да ги постави на сосема нова основа односите со Пекинг.

По средбата на Меркел и Вен е продуцирано коминике од 28 точки, кое предвидува потесна соработка во сферата на политиката, посебно политката на заштита на животната средина, како и во економијата, културата и општествените дејности. Голем дел од тоа останува на ниво на изјави за намери, но се демонстрира волја за поголема соработка. Шефовите на владите на двете земји имаат намера да одржуваат консултации еднаш годишно. „Кинеско-германските односи ги пребродија проблемите што произлегоа од меѓународната финансиска криза“, оцени Вен. Германската канцеларка, која денеска водеше и разговори со кинескиот претседател Ху Џинтао, во 2007 година го налути кинеското раководство поради тоа што го прими духовниот лидер на Тибет, Далај Лама. Сега во коминикето се вели: „Германската страна го потврдува својот став за политика на една Кина и своето почитување на територијалниот интегритет на Кина.“ Се чини дека со тоа тензиите се симнати од дневен ред.

Што знаат жителите на Пекинг за госпоѓа Меркел?

Додека во Големата народна хала ќе се потенцира пријателството меѓу Кина и Германија, добрата соработка и заедничките, пред се‘ економски, интереси, многу луѓе на улиците на Пекинг не знаат точно кој е гостинот од Германија. Постојано се слуша „бу зедао“, односно во превод „немам поим“. Немам поим вели и овој млад човек. „Шеф на владата во Германија е жена, нели? Не се викаше Шнајдер или Лаура?“

Peking Qianmen Allee 1
ПекингФотографија: DW

За среќа Светското фудбалско првенство не е толку далеку, па некои од граѓаните се сеќаваат на жената во црвен костум која беше на стадионот кога Германија ја победи Аргентина со 4:0: „Тоа е жената, и‘ го заборавив името, но ја видов на трибините на Светското првенство. За нејзе не знам ништо, но ја бодреше германската репрезентација“, вели една службеничка.

Младата германската репрезентација им донесе на Германците многу симпатии и во Кина и се чини тие симпатии преминуваат и на Меркел. Кога се зборува за Германија се мисли пред се‘ на автомобили и пиво, но на оние граѓани на Пекинг кои барем го знаат името на канцеларката, напамет им паѓаат уште куп пофалби. Една пензионерка вели: „Таа е наш извонреден претставник, претставник на другарките. Ние и‘ се восхитуваме од се‘ срце.“

Друг вака го анализира успехот на Меркел: „Имам многу добар впечаток за нејзе, делува многу природно и блиску до граѓаните. Затоа сите ја сакаат и затоа добива толку многу поддршка.“

На Меркел во Пекинг не и‘ е простено само едно - средбата со Далај Лама пред речиси три години. И овој пензионер не може да помине преку тоа: „Меркел не чини, таа се сретна со Далај Лама, па оттука - таа е против Кина.“

Во Големата народна хала, каде канцеларката се среќава со кинеското раководство тоа сигурно нема да биде така остро формулирано. Таму се зборува и пристапува многу подипломатски. Конечно, Меркел, во меѓувреме, важи за пријател на Кина. Народот може да мисли што сака.

Автор:Рут Кирхнер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска