1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: нема нови преговори за мерките за штедење

ЗЈ/БГ/дпа/ртрд/7 мај 2012

Германската канцеларка Меркел порача дека нема да дозволи промени во однос на преземените обврски за штедење во ЕУ

https://p.dw.com/p/14rHg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска децидно соопшти оти нема да дозволи промени или нови преговори за фискалниот пакт кој беше договорен како главна мерка за излез од должничката криза во Европа.

По изборните резултати во Франција, каде победи социјалистот Франсоа Оланд, и во Грција каде голем изборен успех постигнаа противниците на мерките за штедење, и од владејачката германска партија на чие чело е Меркел, велат дека фискалниот пакт мора да се почитува.

„Фискалниот пакт е договорен и нема да се менува“, изјави Меркел. Според неа, единствениот начин да се подобри економскиот раст е преку структурни реформи, а не со нови задолжувања.

Меркел го поздрави изборот на Оланд за нов француски претседател изразувајќи надеж дека неговиот избор „ќе даде нов акцент на улогата на Франција“. Што се однесува до Грција, Меркел не беше толку одредена, оценувајќи дека изборните резултати „не биле некомплицирани“.

Бродолом на стратегијата на Меркел

Позициите на Меркел претходно ги поддржаа и од нејзината матична партија ЦДУ (Христијанско-демократска унија).

„Не можам да замислам повторно да мора да се преговара за фискалниот пакт. Во Европа не можеме така да работиме, по секои избори веќе да не важат дотогашните спогодби“, изјави претпладнето Фолкер Каудер, шеф на фракцијата на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот. Спогодбата во некои земји е веќе ратификувана, потсети тој.

Symbolbild Geld Euro Portemonnaie
Фотографија: dapd

Во Германија Бундестагот треба да се изјасни на 25 мај. Владината коалиција го нема неопходното двотретинско мнозинство. Карстен Шнајдер, претставник за буџетски прашања на опозиционите социјалдемократи предупреди дека поседиците од фискалниот договор се’ уште се сосем нејасни, оти уште нема решенија за битни елементи од страна на Комисијата на ЕУ.

Еден од „петтемина мудреци“, тело од економски експерти кое го советува канцеларот, Петер Бофингер, смета дека стратегијата на владата на Ангела Меркел доживеа бродолом. Делумно екстремно високата невработеност, посебно кај младите, што е последица на курсот на штедење, „претставува голема опасност за политичката стабилност и истовремено за поддршката на граѓаните за ЕУ“, смета Бофингер.