1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел посредува во спорот меѓу Русија и Украина

Агенции7 јануари 2009

Во спорот меѓу двете земји околу испораките на гас за Европа денеска се вклучи германската канцеларка. Рускиот премиер Владимир Путин претходно нареди комплетен прекин на испораките на природен гас преку Украина.

https://p.dw.com/p/GTmA
Рускиот премиер Владимир Путин и канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP GraphicsBank/DW

Ангела Меркел напладне водеше телефонски разговори како со рускиот, така и со украинскиот премиер и побара од двајцата итно враќање на преговарачка маса. Меркел со Владимир Путин и Јулија Тимошенко исто така постигна согласност за испраќање на независни експерти од ЕУ, кои ќе проверат каде е точно проблемот со руските испораки на гас преку украинска територија. Имено, двете земји заемно се обвинуваат дека ги попречуваат испораките за европските потрошувачи.

Понуда за посредување во спорот меѓу Русија и Украина дојде и од Европската комисија. Претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Барозо, ги обвини Русија и Украина дека ги земаат европските потрошувачи како заложници за билатералниот спор околу цената на природниот гас. Чешкото претседателство со ЕУ, пак, апелираше до Москва и Киев да го прекинат спорот и да најдат заемно прифатливо решение веќе на утрешната средба на високи претставници на државните нафтени коцерни во рускиот главен град. Чешка, како актуелен претседавач со ЕУ, исто така ги предупреди двете земји дека сегашното неприфатливо однесување може да ги оптовари нивните односи со Унијата.

Gasstreit Ukraine Russland EU
Олег Дубина, шеф на украинскиот државен концерн за нафта и гас, ја објаснува ситуацијатаФотографија: AP

Русија и Украина заемно си ја префрлаат вината за денешното комплетно запирањето на испораките на руски природен гас преку украинска територија. Преку гасоводите што минуваат низ Украина се покриваат 80 проценти од потребите на ЕУ. Најсилно се погодени земјите од Источна и Југоисточна Европа, кои не располагаат со алтернативни гасоводи, ниту, пак, со позначителни резерви на гас. Така, во Словачка и во Романија од денеска е прогласена вонредна состојба, во Унгарија се снабдуваат само уште индустриските постројки, а проблеми со греењето имаат десетици илјади граѓани на помалите градови во Србија.