1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: „Сакаме резултати кои ќе го променат светот“

2 април 2009

Во Лондон се одржува самитот на Г20 - групата на водечки економски сили и земји во подем. Германија и Франција заеднички бараат од самитот конкретни договори за борба пртив кризата и за нов финансиски систем.

https://p.dw.com/p/HOdl
Германскиот канцелар Ангела МеркелФотографија: AP

Лидерите на 20 земји ќе расправаат за излезот од најтешката економска криза по Втората светска војна. Шефовите на држави или на влади сакаат да договорат далекусежна реформа на глобалниот финансиски систем. На тој начин, треба во иднина да се спречат пропаѓања на банки и на други финансиски институти и навремено да се препознаат опасности за стопанството.

Шефовите на денешната (02.04.2009) средба самите ќе мораат да изнајдат компромис, оти преговорите на нивните претставници спроти главниот собир, според наводи од дипломати, оделе тешко. Германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози синоќа, пред првата работна вечера, упатија енергичен апел до своите колеги, националните интереси да ги остават во втор план и да не биде донесен разводнет заклучок.

Меркел бара нов финансиски поредок

Merkel und Obama
Ангела Меркел и американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

На своето деби на големата меѓународна сцена, и американскиот претседател Барак Обама ги повика државите од Г20 да постигнат согласност. На првото патување во Европа откако е на функцијата, Обама успеа да постигне нов почеток во американско-руските односи. Со Дмитри Медведев, колегата по функција од Русија, тој договори повторно да заживее процесот на атомско разоружување.

Меркел и Саркози се изјаснија за жигосување на даночните оази во светот со тоа што ќе бидат ставени на листа која ќе биде објавена. Во фокусот на денешната средба на Г20 веројатно нема да бидат нови конјунктурни програми, за кои првенствено се залага Јапонија. „Ние сакаме такви резултати, кои навистина се резултат и ќе го променат светот“, рече Меркел по разговорот со Саркози. „Не смее да се повтори она, што го имаме денес - милијарди да страдаат поради еден финансиски систем, со кого немаат никаква врска“.

Саркози: „Германија и Франција ќе зборуваат со еден глас“

Britischer Premier Brown zu Gast bei Frankreichs Präsident Sarkozy
Проблеми со домаќинот: британскиот премиер Гордон Браун и францускиот претседател Никола СаркозиФотографија: picture alliance / abaca

Според информациите на германската агенција ДПА, Германија и Франција повеќепати го отфрлиле завршниот документ предложен од британското претседателство на самитот. Германија е против тоа, конкретните реформски намери да бидат содржани само во анекс на главниот завршен документ. Саркози навести дека има тешкотии со британскиот премиер и домаќин на собирот, Гордон Браун. „Германија и Франција ќе зборуваат со еден глас. Имаме исти цели - во принципите и во модалитетите. Нашата цел е едноставна - како што точно рече канцеларот Меркел - ние бараме резултати“, нагласи францускиот претседател.

Се’ уште не е јасно кога ќе биде надмината најтешката криза по Втората светска војна, но „2009 ќе биде тешка година“, рече американскиот претседател Обама. Тој и неговата сопруга Мишел, која го придружува во Лондон, како и другите учесници на самитот, синоќа беа на прием кај британската кралица Елизабета Втора во Бакингемската палата.

Автор: ЗЈ/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска


Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема