1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел се дистанцира од изјавите на Штојбер, кои предиззвикаа критики од сите страни

12 август 2005

Претседателот на Христијанско-социјалната унија Едмунд Штојбер предизвика лавина од критики од сите политички табори со своите изјави за тоа дека не смее да се случи повторно за судбината на Германија на изборите решавачки да бидат гласовите на, како што ги нарече, „фрустрираните од истокот“.

https://p.dw.com/p/AcDR
Со одбрани зборови, но сепак на дистанца од изјавите на Штојбер: Ангела Меркел, врвен кандидат на опозицијата за претстојните избори
Со одбрани зборови, но сепак на дистанца од изјавите на Штојбер: Ангела Меркел, врвен кандидат на опозицијата за претстојните избориФотографија: AP

Кандидатот за канцелар на опозиционите демохристијански партии на Унијата Ангела Меркел се дистанцира од искажувањата на Штојбер, нагласувајќи во еден телевизиски настап дека е погрешно да се навредуваат избирачите, како што е погрешно и создавањето расцеп меѓу исток и запад. Меркел повика на сплотеност во партиите на Унијата и нагласи дека само заеднички со Штојбер можат да победат на изборите.

Сојузниот канцелар Герхард Шредер му префрли на Штојбер дека му нанел големи штети на процесот на обединување. „Одвај да можам да го сфатам тоа, зашто претставува навреда на оние за кои станува збор. Очигледно господин Штојбер во својот живот не научил, а можеби и не сакал да научи праведно да ги оцени и да ги почитува животните постигнувања на луѓето во поранешната ГДР, зашто тоа се чесно проведени животи под неверојатно тешки услови, како што ни е на сите познато“ - рече канцеларот.

Посебно се огорчени политичари кои се од источниот дел на земјата. Претседателот на Германскиот Бундестаг Волфганг Тирзе му порача на Штојбер: „Сакам изрично да го потсетам на тоа дека според нашиот устав и нашето изборно право секој глас на Германец има иста тежина, односно дека нема избирачи од различни категории – првокласни западни и второкласни источни Германци. Го сметам за лошо тоа што го рече господин Штојбер за источните Германци“.

Сојузниот министер за сообраќај Манфред Штолпе констатира: „Изјавите на Штојбер ги јакнат сите овде многу раширени ставови за чувството на граѓани од втора класа“.

„Верувам дека луѓето во новите сојузни покраини не го разбираат тоа, а јас лично во 2002-ра година во Берлин водев предизборна борба заедно со Штојбер. Тоа не беше многу едноставно. Мислам дека е добро што овој пат не треба него да го избираме“ – вели Гинтер Ноке, пратеникот од фракцијата на ЦДУ во Бундестагот.

Врвниот кандидат на Левичарската партија Грегор Гизи, на кого - според дополнителните толкувања - мислел Штојбер кога зборувал за „фрустрираните од истокот“, излезе со ваков коментар: „Тој не е репрезентант за Германија. Тој е еден толку комичен вид на локалпатриот. Немам ништо против што има и такви, но кога веќе си таков, мора да знаеш дека не можеш да владееш со цела Германија“.