1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел со апел на Денот на повторното обединување

3 октомври 2006

На Денот на германското повторно обединување, канцеларката Ангела Меркел ги повика сограѓаните на поголема готовност на реформи.

https://p.dw.com/p/Ac2m
Најмладите како дел од прославата во Кил
Најмладите како дел од прославата во КилФотографија: picture-alliance/dpa

„Немојте да прашувате што не оди, туку што оди и што може„ – апелираше Меркел во свечениот говор по повод 16-годишнината од повторното обединување на земјата. Централната прослава годинава се одржува во градот Кил на северот од Германија.

Канцеларката ги потсети Германците на ставот на нивните источни сограѓани од поранешната Германска Демократска Република, кои со оптимизам и верба придонесоа за мирно паѓање на железната завеса. Тие би требало денес да бидат еден вид пример за сите граѓани на обединета Германија.

Што се однесува до постигнувањата во процесот на реално спојување на двата поранешни општествени система, Меркел оцени дека е постигнато многу што / како на полето на заштитата на човековата околина, на полето на здравственото осигурување и изградбата на инфраструктурата во источните покраини. Сепак, сите надежи не се остварени, призна канцеларката, која и самата е по потекло од Источна Германија:

„Тоа што јас, како жена по потекло од поранешната Германска Демократска Република, можам да и‘ служам како канцеларка на повторно обединета СРГ, тоа е за мене од една страна по 10 месеци на функцијата речиси вообичаено секојдневие. Но, на ваков ден, како денешниот, тоа е и за мене сепак нешто посебно!„

Ангела Меркел уште апелираше: „Ајде да се упатиме кон новото и отвореното, ајде да ги гледаме шансите пред ризиците, да ја разбудиме силата на слободата за солидарност и праведност, да ги претвориме идеите во дела!„

На солидарност повика и актуелниот претседател на Домот на покраините, Бундесратот, Петер Хари Карстенсен. Тој во својство на премиер на покраинската влада за Шлезвиг Холштајн е и домаќин на денешната централна свеченост во градот Кил. Карстенсен порача дека поголемите и посилни германски покраини мораат да ги здружат силите со помалите и финансиски послаби. Федерализмот се потврди како успешен модел на државно уредување во Германија, оцени домаќинот на прославата на Денот на повторното германско обединување, Петер Хари Карстенсен.