1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел тврди дека нема време за Хрватска

Марина Максимовиќ/Борис Георгиевски28 јуни 2013

Германската канцеларка Ангела Меркел демантираше дека има скриена причина за нејзиното недоаѓање во Загреб на прославата на приемот на Хрватска во ЕУ.

https://p.dw.com/p/18xoo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека искрено се радува што Хрватска станува членка на ЕУ. Своето недоаѓање во Загреб на прославата на приемот на Хрватска, таа го објасни со недостаток на време.

„Имам многу густ распоред. Прославата во Хрватска ќе биде во недела доцна навечер, а доколку го погледнете мојот распоред за понеделник ќе видите дека е невозможно да дојдам“, изјави Меркел за време на самитот на ЕУ во Брисел. Меркел исто така изјави дека на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ му порачала дека со задоволство, по изборите, доколку повторно биде избрана, би ја посетила Хрватска.

Откажувањето на Меркел на посетата на Загреб, во Брисел не се толкува „ни како порака од Европа, ниту од Германија“, ниту се смета дека тоа може да и‘ наштети на Хрватска. „Едноставно се работи за тоа дека госпоѓа Меркел е во изборна кампања во која проширувањето не е најдобро прифатено“, смета известувачот за Хрватска во Европскиот парламент, Ханес Свобода: „Но остатокот од Европа силно ја поддржува Хрватска, вклучително и германскиот народ“.

Европскиот пратеник од партијата на Меркел- ЦДУ, Елмар Брок, ги повика хрватските медиуми да не прават збрка околу недоаѓањето на канцеларката. „Канцеларката не доаѓа поради јасни причини кои не се политички“, вели Брок и потсетува дека Германија, како ниту една друга земја, се залагала „како за независноста, така и за членството на Хрватска во ЕУ“.

Elmar Brok Europaparlament
Елмaр БрокФотографија: AP

„Повеќе од 90 проценти од германските парламентарци во Бундестагот гласаа за членството на Хрватска во ЕУ. Тоа е пораката која треба да се пренесе во Хрватска, а не да се занимавате со протоколарни прашања. Тоа не е фер“, порачува Брок.

И според хрватскиот премиер Милановиќ, причината за откажувањето е расположението во германската јавност.

„Во Германија има избори за три месеци, а проширувањето не е многу популарна тема. Да се дојде на таков собир, за еден политичар, на три месеци пред избори не е плус, туку веројатно минус. Јас во тоа ја гледам единствената причина“, рече Милановиќ.

Случајот Перковиќ

Во Хрватска деновиве се крена голема прашина околу ненадејното откажување на посетата на германската канцеларка која требаше да биде главен гостин на прославата на влезот на земјата во ЕУ. Медиумите јавуваа дека откажувањето се должи на одбивањето на хрватските власти да го екстрадираат во Германија поранешниот генерал на југословенската тајна служба Удба, Јосип Перковиќ по кој властите во покраината Баварија распишаа меѓународна потерница поради убиство на еден хрватски имигрант во 80-те години од минатиот век. Хрватскиот парламент во меѓувреме го смени и законот за правосудство, со што практично оневозможи испорака на лица во други земји кои се бараат за сторени прекршоци пред 2002 година. За хрватскиот премиер Милановиќ сето тоа се медиумски шпекулации:

Filmstill Josip Perkovic
Јосип ПерковиќФотографија: DW

„Јас се сомневам дека Ангела Меркел и нејзиниот круг на соработници се занимаваат со измените во Законот за соработка во правосудството“.

Сепак, повеќе агенции вчера јавија дека германските власти, веднаш по влегувањето на Хрватска во ЕУ повторно ќе бараат екстрадиција на Перковиќ, но овојпат врз основа на обврзувачките договори во рамките на ЕУ.