1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата и апатијата се голем проблем во Македонија

Нино Домазетовиќ
24 декември 2016

Лаура Мешеде е годинешна добитничка на наградата Ото Бренер за најдобра сторија на млад новинар. Авторката на „Нема место“, наградената приказна за семејството Бериша од Шутка,неколку месеци престојуваше во Македонија.

https://p.dw.com/p/2TazH
Mazedonien Familie Berischa fografiert von Otto-Brenner-Preisträgerin Laura Meschede
Фотографија: L. Meschede

ДВ: Медиумите се очите и ушите на секое демократско општество, каква улога треба да имаат новинарите во заштитата на човековите права?

Лаура Мешеде: Во Германија, луѓето кои работат во медиумите често го цитираат познатиот новинар Ханс Јоаким Фридрихс кој изјави: „Новинарот никогаш не треба да биде асоциран со нешто, ниту со нешто добро“. Не би се согласила со тоа. Новинарите секогаш треба да бидат асоцирани со нешто – и тоа треба да бидат вистината и човековите права. Мислам дека е важно што новинарите се обидуваат да ги заштитат човековите права и да известуваат секогаш кога ќе забележат дека се кршат.

Европа маршира кон десничарскиот популизам, а податоците покажуваат зголемување на анитсемитизмот во различни региони во Европа. Дали сметаш дека ова може да ја зголеми виктимизацијата на Ромите во Европа?

Десничарскиот популизам е голема опасност за сите луѓе кои некогаш биле или сеуште се дискриминирани – тоа важи и за Ромите. Евидентно е дека омразата и дискриминацијата се шират низ Европа. Во Баварија, покраината од каде што доаѓам јас, локалната власт неодамна формираше т.н. „балкански центар“ во кој што луѓето од Балканот се приморани да живеат пред да бидат депортирани. Повеќето од луѓето кои живеат таму се Роми. Ова беше овозможено поради притисокот врз владата од страна на радикалната десница. Тешко е да се поверува во ова доколку се има предвид дека Ромите исто така биле убивани во концентрационите кампови за време на Холокаустот. На ваквиот развој гледам со големо жалење.

Сепак, ми дава надеж тоа што од сите земји, токму во Македонија се формираше левичарско движење, а не десничарско. Новата партија Левица не е популистичка како останатите партии во Европа, туку е партија во која Македонците, Албанците и Ромите работат заедно и подеднакво. Тоа е прекрасно. Сметам дека најголемиот проблем на Ромите, особено во Македонија, не е дискриминацијата, туку сиромаштијата. Секако, дискриминацијата ја влошува сиромаштијата. За да се реши лошата позиција на Ромите мислам дека подобро е да се инвестира во отварање работни места, отколку во фондови за анти- дискриминација.

Roma Mazedonien
Шуто ОризариФотографија: DW/P. Stojanovski

Се вели дека Шуто Оризари е главниот град на Ромите во светот, но повеќето кои живеат таму сонуваат за живот во западна Европа, мнозинството од кои се надеваат да заминат во Германија. Што мислите за ова, кои се причините?

Кога бев во Македонија, Ромите не беа единствените кои сакаа да ја напуштат државата. Во комуникација со младите добив чувство дека сите сакаат да си одат. Луѓето сакаат да работат, а во Македонија нема работа. Сите мои пријатели од Македонија студираат и се обидуваат да добијат школарини или работа надвор од земјата и потоа да си заминат. Повеќето од Ромите не студираат поради нивната економска ситуација и омразата кон нив, затоа што немаат документи и затоа што мора да помагаат на семејството и да заработат доволно пари за да преживеат.

Тие немаат можност да се иселат како што ја имаат Македонците. Бидејќи Европа има многу строги имиграциски закони, единствена можност која ја имаат да ја напуштат земјата е да бараат азил. Ова креира маѓепсан круг: По некое време, Германија депортира голем дел од овие луѓе затоа што немаат право да бараат азил. Меѓутоа, во меѓувреме нивните деца растат во Германија и се чувствуваат како Германци. Па кога Германија ќе ги депортира назад, тие стануваат носталгични и порано или подоцна пробуваат повторно да се вратат. Ситуацијата нема да се смени се додека не се овозможи луѓето да најдат добра работа во Македонија. Голем дел од Ромите со кои разговарав ја сакаат својата држава, но исто така сакаат и нормален живот и работа  - а тоа не е можно во Македонија. Затоа, тие се надеваат дека нивните животи ќе се променат на подобро доколку се преселат во западните земји.

Deutschland Laura Meschede Journalistin
Фотографија: Privat

Што мислите за политичкото претставување на Ромите во Македонија?

Почувствував дека Македонија е многу корумпирана земја и дека претставувањето на Ромите не е исклучок. Независно од тоа дали зборувате за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или Елвис Бајрам – добив чувство дека сите тие повеќе се грижат за себеси отколку за нивниот народ. Кога станува збор за политичкото претставување имам надеж во Левица – која е создадена од млади луѓе кои навистина сакаат да променат нешто во својата земја. Но, кога станува збор за генерално политичкото претставување во овој момент, сметам дека корупцијата и апатијата се голем проблем.

Какви се вашите импресии за Македонија?

Се вљубив во земјата и луѓето. Толку многу култури во толку мала земја – тоа беше прекрасно да се види. Ми се допаѓа ставот на Македонците (Ромите и Албанците) релаксирано да се справуваат со работите. Ако треба да ја опишам мојата импресија за земјата во една слика тоа би било преполно кафуле со многу луѓе кои пијат ракија и кафе, смеејќи се и жалејќи се за нивните животи истовремено (се жалат со одлична смисла за хумор). Откако го завршив истражувањето во Македонија, се враќав неколку пати бидејќи навистина ми се допаѓа атмосферата и добрината на луѓето. Многу е тажно што толку многу млади сакаат или мораат да си одат поради лошата економска ситуација. Се надевам дека работите ќе се подобрат.

Македонците сакаат иднина во Европската унија. За време на твојот престој во Македонија дали ги виде европските вредности и политичка култура рефлектирани во македонското општество?

Не ми се допаѓа терминот „европски вредности“. Доколку ја погледнете политичката ситауција во светот во моментов, може да добиете чувството дека е „европска вредност“ да ги оставите бегалците да страдаат или да умрат на границите – нешто што Македонија го прави заедно со другите европски земји. Терминот „европски вредности“ како што се користи во западните медиуми го вклучува верувањето дека човековите права се исклучиво европски феномен – јас не се согласувам со тоа. Европските земји исто како и голем број  други земји ги прекршуваат човечките права секој ден. Ние новинарите особено треба да внимаваме на тоа.

Настрана од тоа, не ми се допаѓа идејата дека западна Европа или ЕУ се гледаат како репрезентација на Европа. Македонија е европска земја. Таа е во Европа и културата не е многу поразлична од другите европски земји.

 

Наградената репортажа на Лаура Мешеде за животот на Ромите во Македонија можете да ја погледнете на следниот линк: https://laurameschede.atavist.com/shutka_for_tazde