1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓуетничката толеранција не е „трпење“ на другиот

Свето Тоевски6 јуни 2012

Проектот „Училиште според мера на детето“ во Македонија успешно ги подготвува учениците да живеат во мултикултурно општество, без да имаат негативни предрасуди кон другите етникуми и јазици.

https://p.dw.com/p/158bh
Фотографија: DW

Анализирајќи ја ситуацијата, експертски тим, координиран од Министерството за образование и од УНИЦЕФ, констатираше: „Во етнички и јазично мешаните основни училишта, толеранцијата, за која се тврди дека постои во голема мера, се сфаќа како ’трпење’ на присуството на ’другиот’.“ Мултикултуралната димензија на проектот се спроведува од учебната 2009/2010 година, но, засега само во четири основни училишта во земјата.

Виолета Петровска-Бешка, експерт за разрешување меѓуетнички конфликти од Институтот за психологија во Државниот универзитет во Скопје, вели:

„Постигнати се позитивни ефекти: намалени се негативните етнички предрасуди и стереотипи, што Македонците и Албанците ги имаат едни за други. Се обезбедува учење за другите култури и традиции.“

„Иднина низ заедништво – никако поинаку“

Вера Станоевиќ, педагог во основното училиште „Кирил и Методиј“ од Тетово со 700 ученици во албанските и 120 во македонските паралелки, во кое се спроведува таа компонента на проектот, истакнува:

„Проектот го спроведуваме заради меѓуетничко зближување на децата, зголемување на меѓусебната толеранција и уривање на меѓуетничките бариери. Се обидуваме преку вакви проекти децата да ги надминуваат стереотипите и предрасудите, кои ги имаат. Родителите добро го прифатија проектот и го поддржуваат. Затоа што сме свесни и ние, возрасните, дека живееме во таква средина каде што мора да постои заедништво и градење на иднината во заедништво. Никако поинаку.“

Директорката на училиштето Садбере Омери се надоврзува:

„По завршувањето на мултиетничките работилници и другите заеднички активности децата продолжуваат да се дружат низ ходниците во училиштето. Најбитно е тоа што почнуваат и другиот јазик да го познаваат.“

Лидија Андоновска, психолог во основното училиште „Дитурија“ од Скопје со 1700 ученици во албанските паралелки, 10 ученици во македонските паралелки и стотина ученици во наставата на бошњачки јазик, изнесува како се применува мултикултурната компонента:

„Се дружиме сите заедно кога сме на екскурзии, при, или при изведување научни и спортски активности. Има толеранција и разбирање. Не е почувствувана некоја напнатост, ниту имало судири досега. Децата не прават разлика, самите сакаат да учествуваат во заеднички активности. Не прават опструкции, најверојатно, затоа што се навикнати да живеат заедно.“

Дали би се промениле и на кој начин раположението и однесувањата меѓу учениците од македонскиот и албанскиот етникум, кои се пројавуваат на улица понекогаш и проткаени со насилства, ако би се зголемил бројот на училиштата, вклучени во споменатиот проект?

Die zweisprachige Grundschule im Dorf Preljubiste Mazedonien
Училиштето во Прељубиште, тетовскоФотографија: DW/Sveto Toevski

Професорката Петровска – Бешка вели:

„Насилството во секојдневниот живот се должи во голема мера на зголеменото присуство на негативни етнички стереотипи и предрасуди и на намалената комуникација меѓу припадниците на различни етникуми. Дури и тогаш кога станува збор за ученици во исто училиште. Преку овие проекти баш се очекува да се намалат меѓуетничките насилства на улиците и да се зголеми комуникацијата. “

„Модел за меѓуетничка интеграција со примена во сите училишта“

Во контекстот на последните протести со верска заднина, дали има посилно влијание учењето во црква, односно, во џамија, или учењето во училиште?

Таа нагласува:

„Сите деца се во училиште, но, не се сите и во црква и џамија. Влијанието на училиштето може да биде поголемо, затоа што ги опфаќа сите ученици. Влијанието на црквата, или џамијата, односно, на религијата, може да биде помало затоа што не ги опфаќа сите ученици. Знам многумина Македонци и Албанци, кои не одат во црква и џамија, и не се изложени на тие влијанија. Образовниот систем ќе биде толку влијателен кај учениците, колку што ќе го направиме да биде сериозен. На долги патеки очекуваме дека таквиот вид на проекти и веќе воспоставениот модел ќе придонесат кон подобрувањето на меѓуетничките односи во Македонија, ако се копираат во сите училишта.“

Мисијата на ОБСЕ алармираше поради зачестените вербални напади придружени со физички судири, етничките графити со навредливи содржини, насилството на спортските настани, нападите и врз верски и културни споменици, сето тоа како индикатори за „меѓуетничката и меѓуверската омраза“. „Училиштето според мера на детето“ може да биде патоказ во која насока треба да се бара излезот од овие состојби.