1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Меѓуетничките изборни коалиции се премногу потребни“

Свето Тоевски22 февруари 2013

Четири албански партии ќе учествуваат со кандидати на локалните избори во 39 општини. Со исклучок на ДПА, тие оформија коалиции со помали партии од другите етникуми, но, не и од македонскиот.

https://p.dw.com/p/17jki
Избори во Македонија (архива)Фотографија: DW/Stojanovski

Кои се реалните мотиви и можните ефекти од потпишаните коалициони договори на ДУИ со вонпарламентарната Нова демократија, како и со Партијата за европска иднина на пратеникот Фиjат Цановски? Со какви изборни комбинаторики и цели стапи и Албанската национална преродба на Руфи Османи во коалиција со Турската демократска партија?

„Обединување заради повеќе гласови“

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи истакнува: „Коалиција на ниво на земјата имаме само со Нова демократија со цел да се здружат албанските гласови и така да се добијат повеќе советници – Албанци: само во рамки на кандидатските листи за советници на општините. Кандидатите за градоначалници ги предложи ДУИ. Коалициската соработка со Фијат Цановски предвидува во Струга неговата Партија за европска иднина да го предложи нашиот кандидат за градоначалник, а ние ќе го поддржиме нивниот кандидат за градоначалник во Маврово – Ростуше. Нашите две партии сметаат дека оваа соработка на локално рамниште е од интерес на граѓаните во земјата, посебно за Албанците. ДУИ има вклучувачка политика, за разлика од другите, чија што политика е да делат.“

Руфи Османи, лидер на Албанската национална преродба, напоменува: „Преговаравме со Турската демократска партија, заради ново коалицирање што ќе се однесува на општините Гостивар и Врапчиште. Во Врапчиште Албанците учествуваат со 70 проценти во населението, Турците со 20 и Македонците со 10 отсто, но, независно од овој сооднос свесно отидовме на експеримент и ризик: ќе предложиме кандидат за градоначалник од турското малцинство, со тоа што ќе имаме паралелни листи за советници. Има одредени ветувања дека тој кандидат ќе донесе пари од Турција, заради инвестиции во инфраструктурата и во образованието. За возврат, Турците во Гостивар ќе треба да гласаат за мене како за нов градоначалник на Гостивар.“

Rufi Osmani - Bürgermeister von Gostivar
Руфи ОсманиФотографија: DW/S.Toevski

Какво е мислењето кај дел од експертите за овие предизборни коалиции?

Здравко Савески, политички експерт од ФОН универзитетот во Скопје, коментира: „Во македонското општество, кое се карактеризира со проблематична етничка поделеност, позитивно е формирањето интеретнички коалиции и соработката меѓу партии на различни етникуми. Тоа и е премногу потребно на земјата, бидејќи ги подобрува меѓуетничките односи. (...) ДУИ успеа да ја привлече на своја страна Нова демократија, која е далеку е од тоа дека е баш минорна партија. Ова покажува дека ДУИ не е сосема сигурна дека може сигурно да победи во средините, населени со Албанци, како и на претходните избори. Локалните избори во општините доминантно населени со Албанци ќе бидат можеби ’најтесни’ во последниве 12 години. Овие преструктирирања и коалицирања се случуваат заради желбата за поголема поддршка и од другите етнички партии.“

Осман Кадриу, експерт за политички систем од истиот универзитет, се надоврзува со свој став: „Очекувањата од тие коалиции се дека ќе се добие поголем број гласачи било за градоначалници, било за членови на општинските совети. Секогаш е посигурна, поизвесна можноста да бидат позастапени и другите етнички заедници преку своите партии, кои влегуваат во овие коалиции. Ако малите партии на малцинските етнички заедници настапуваат самостојно, тогаш е минимална, или сосема исклучена, можноста тие да бидат застапени со свои советници и градоначалници.“

DUI-Parteiführung
Партиското раководство на ДУИ (архива)Фотографија: DW/S. Toevski

„Коалиција со сите граѓани“

Демократската партија на Албанците е единствена во албанскиот политички табор, која засега нема коалиција со друга партија. Но, Сади Беџети, актуелниот градоначалник на Тетово и кандидат на ДПА за нов мандат, вели дека тој самиот има своја „коалиција“: „И овојпат, како и на минатите избори, ќе одам во ’коалиција со сите граѓани“, иако сум предложен од ДПА. Во овој период во работата ги поддржував сите: Турците, Ромите, Србите, Македонците и Албанците ... Не делев никого. Мојата изборна програма за овие избори содржи изградба на значајни економски и комунално-инфраструктурни објекти во интерес на сите.“

Теута Арифи од ДУИ, досегашната вицепремиерка за европски интеграции, која ќе му се спротивстави на Беџети, јавно порача: „Да и се посветиме на работата, да им ставиме крај на ветувањата. Функцијата градоначалник доаѓа во пакет со одговорноста за совесно и чесно раководење со овој град, кој од урбана заедница со голем развоен потенцијал се претвори во неформална зона, која се развива сама за себе во форма штетна за неговите граѓани.“

Teuta Arifi Mazedonien
Теута АрифиФотографија: DW

Остра борба меѓу албанските политички партии ќе се бие за победа не само во Тетово, туку и во Струга и Чаир. Само, прашање е како ќе поминат нивните комбинаторики и предизборни коалиции, сега кога, според анализата на Организацијата за регионална соработка и европски интеграции, над 60 отсто од македонските Албанци не членуваат во ниедна партија и не преферираат ниедна политичка партија, останувајќи политички неопределени, „поради чувството на голема разочараност од водењето сметка само за теснопартиските интереси на тие партии“.