1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународен ден на франкофонијата

Карин Дебрабандер20 март 2006
https://p.dw.com/p/Ae31

Годинашниот париски саем на книгата е под знакот на литературата во земјите во кои се зборува француски јазик, едно од тежиштата на саемот – омаж за сенегалскиот поет и државник Леополд Седар Сенгор. Во Скопје денеска меѓународен колоквиум посветен на Сенгор, во Букурешт предвиден голем концерт со учество на музичари од франкофонските земји, а таму во септември ќе се одржи и самит на франкофонијата. Повод за овие манифестации е денешниот Меѓународен ден на франкофонијата. Што всушност опфаќа овој поим?

Во франкофонијата се опфатени држави во кои францускиот е официјален јазик, мајчин јазик или земји во кои се учи француски јазик. Него го зборуваат околу 175 милиони луѓе во светот. Идејата за франкофонија како заедница чија поврзница е францускиот јазик, за прв пат е формулирана кон крајот на 19-от век, на кулминацијата на колонијалната експанзија на Франција.

Кратко по стекнувањето независност на Сенегал, првиот претседател на таа земја Леополд Седар Сенгор се послужи со тој поим и ја означи франкофонијата како волја на некогашните француски колонии во Африка да основаат солидарна заедница. Неговата идеја беше соочување со проблематичното колонијално наследство – без притоа да се загуби свеста за сопствените корени. Од 1997-ма година заедницата се нарекува Меѓународна организација за франкофонија, и во неа спаѓаат 63 земји, меѓу нив и Македонија. Организацијата се дефинира себе си како политички актер за одбрана на културната разноликост.

Но, далеку над институционалните рамки, франкофонијата претставува заедница на автори и интелектуалци кои се изразуваат и пишуваат на француски јазик. Зошто тие го користат јазикот на некогашната колонијална сила, како што е најчесто случај? Мароканскиот автор Тахар Бен Желун е најпознат претставник на литературата на француски од земјите на Магреб, во 1987-ма година за романот „Ноќта на невиноста“ ја доби наградата Гонкур, најважно литературно признание во Франција. И тој пишува на француски, иако во речиси сите свои книги го жигосува колонизаторот Франција. „Едноставно не можам да пишувам на арапски. Јазикот навистина го владеам, но не можам да го користам како мост кон имагинарното. Затоа пак пишувам поинаку на француски од моите француски колеги. Пишувам на еден ’арабизиран‘ француски, јазикот го водам кон Ориентот“ – вели Тахар Бен Желун.

Сенегалската писателка Фату Диоме, која со дебитантскиот роман „Стомакот на океанот“, во кој се занимава со реалностите на мигрантското секојдневие, постигна меѓународен успех, укажува на друг момент: „Мислам дека би требало да го браниме нашиот првобитен јазик. Но, ако пишувам на серер, би ме разбрале помалку од 20 насто Сенегалци. Јас меѓутоа сакам да стигнам до колку што е можно повеќе читатели. Моите книги не му се обраќаат само на моето родно село или на жителите на Дакар. Многу повеќе ми се допаѓа идејата некоја Јапонка, Кинезинка, Германка или Французинка да посакаат да се соочат со мојот свет. За мене францускиот јазик претставува поврзница, отворање за другите“ – вели Фату Диоме.