1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународната заедница воведува санкции против Либија

Goran Cutanoski25 февруари 2011

За денеска е закажана нова итна седница на Советот за безбедност на ОН, на која ќе се разговара за санкции против Либија, откако либискиот режим не одговори на претходниот апел за прекин на насилството над демонстрантите

https://p.dw.com/p/10PDW
Фотографија: AP

Со оглед на продолжувањето на примената на сила против демонстрантите во Либија, западните земји го зголемуваат притисокот врз претседателот Моамер ел Гадафи. Американскиот претседател Барак Обама синоќа разговараше со францускиот претседател Никола Саркози и британскиот и италијанскиот премиер Дејвид Камерон и Силвио Берлускони, за да ги координира мерките против Либија. Според соопштението на Белата куќа, во телефонските разговори станувало збор за „ефикасни мерки“, со кои веднаш би се реагирало на насилството на либискиот режим. За санкции ќе станува збор и на денешната седница на Советот за безбедност.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Филип Кроули во меѓувреме побара и исклучување на Либија од Советот на ОН за човекови права. Тоа е уште еден чекор кон потполна изолација на либискиот режим во меѓународни рамки. Слични чекори се подготвуваат и во Арапската лига и во Африканската Унија, каде Либија е полноправна членка.

Libyen / Gaddafi / Kairo
Фотографија: AP

Швајцарија веќе најави дека ги замрзнала сите сметки и поседи на либискиот режим, а на овој чекор денеска има намера да му се приклучи и Велика Британија. Владата во Лондон ќе формира посебна комисија која ќе ги провери сите можности за блокирање на имотот на Гадафи и членовите на семејството и најблискиот круг соработници. Според првичните проценки, станува збор за преку 20 милијарди фунти.

Гадафи плаќа по 1.200 долари за убиен Либиец

Според информациите што пристигаат од теренот, во Либија продолжуваат судирите меѓу приврзаниците и противниците на Моамер ел Гадафи и тоа со несмалена жестина. Сили лојални на претседателот вчера го нападнале градот Ал Савија на западот од земјата и го опустошиле. Поранешниот шеф на силите за безбедност во источниот либиски град Бенгази, Нури ал Обеиди, кој во меѓувреме е на страната на востаниците, оцени дека само во Бенгази загинале околу 390 лица, а преку 1.300 биле повредени.

Karte Proteste Libyen
Карта на протестите во Либија

Полицаец од северно-либискиот град Ал Баида изјави дека востаниците успеале да убијат околу 200 странски платеници, кои се бореле на страната на Гадафи. Ним им биле понудени по 1.200 долари за секој убиен востаник. Ваквите информации ги потврди и поранешниот шеф на протоколот на Гадафи, Нури ал Масмари, кој исто мина на страната на бунтовниците:

„Тие ги напаѓаат Либијците и тоа од едноставна причина што Гадафи веќе не му верува никому, дури ни на сопствените воени сили. Многу војници го напуштија и затоа Гадафи користи сега платеници од странство против сопствениот народ. Такви има дури и во улога на воени пилоти.“

Поранешниот министер за правда, Мустафа Абдел Галил, пак, предупреди дека Гадафи поседува хемиско оружје, кое во краен случај нема да се воздржува да го употреби против сопствениот народ. Тоа се однесува особено ако востаниците тргнат на главниот град Триполи, како што тие веќе најавија. Ја повикуваме меѓународната заедница да го спречи Гадафи во таквите планови, порача поранешниот министер за правда по средбата со племенски водачи во градот Ал Бадија.

Автор: ГЧ/дпа/афп

Редактор: Борис Георгиевски