1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународната заедница засилено бара решение за Сирија

АТ/ афп/ ап/ дпа/ ртр9 мај 2013

Меѓународната политика се ангажира за решение за сирискиот конфликт. По посетата на Москва на министерот за надворешни работи на САД, сега британскиот премиер Камерон патува за Вашингтон на средба со претседателот Обама.

https://p.dw.com/p/18Uk1
Фотографија: AFP/Getty Images

Централна точка на средбата, според наводи од Белата куќа, покрај Сирија ќе бидат и подготовките за Самитот на Г8 наредниот месец во Северна Ирска. И на таа средба, според набљудувачите, главна точка на дискусиите се очекува да биде сирискиот конфликт. Посетата ги акцентира особените односи на двете нации, се вели во соопштението. Дејвид Камерон пред Долниот дом на парламентот најави дека утре (10.05) во Сочи со рускиот претседател Владимир Путин ќе се советува за ситуацијата во Сирија.

Во меѓувреме, генералната спогодба меѓу САД и Русија, во однос на сириското прашање конечно да влечат на иста страна, наиде на одобрување во светот. Специјалниот пратеник на Обединетите нации и на Арапската лига Лакдар Брахими оцени дека приближувањето на двата досегашни контрахенти претставува значаен чекор на патот кон решение на конфликтот. „Ова по подолго време е вест која влева надеж во врска со оваа несреќна земја“, рече Брахими на маргините на средбата на Глобалниот совет на мудреците во ирскиот главен град Даблин.

Großbritannien Premierminister David Cameron
Британскиот премиер Дејвид КамеронФотографија: Reuters

САД и Русија, меѓу другото, најавија дека уште овој месец ќе свикаат меѓународна конференција за Сирија, за да му се стави крај на крвопролевањето. Основа на конференцијата треба да биде спогодбата постигната во јуни минатата година во Женева. Тогаш вето силите на ОН, како и Турција и повеќе арапски држави, се согласија на план од шест точки, кој според американскиот министер Кери сега треба да биде патот за да му се стави крај на насилството.

Германската канцеларка Ангела Меркел се изјасни дека Германија има голем интерес да се стави крај на страшната граѓанска војна. За конфликтот би требало да се најде политичко решение. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле се изјасни дека заедничката американско-руска иницијатива би можела да биде шанса за решение на конфликтот. Одлучувачки било страните во конфликтот да се согласат на политичко решение.

Kerry in Russland Lawrow
Американскиот шеф дипломат во посета на МоскваФотографија: Reuters

Опозицијата се’ уште е скептична

Многу поскептична е сириската опозиција. Во соопштение на опозиционата Национална сириска коалицја се вели дека се благодарни за сите напори, доколку истите за цел ги имаат стремежите на сирискиот народ и надежите за една демократска држава. Овој процес би морало да почне со заминување на Асад и раководството на неговиот режим. Досега, меѓутоа, немало знаци за тоа дека ракводството во Дамаск би ги прифатило овие услови.

Досега САД, за разлика од Русија, постојано ги поддржуваа барањата на опозицијата, Асад да биде исклучен од идната влада. Воен командант на една бунтовничка група за агенцијата Ројтерс изјави дека тој не верува во учество на преговори со присуство на режимот.

САД, во меѓувреме, ја зголемија нивната хуманитрана помош за жртвите од сириската граѓанска војна за 100 милиони долари на вкупно 510 милиони долари. Германската влада од почетокот на конфликтот има ставено на располагање 125 милиони долари. На ОН им се потребни парите за да згрижат околу 1,4 милиони сириски бегалци во соседните Либан, Јордан и Турција.