1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународната помош стигнува до се‘ поголем број жртви на Хаијан

ЕМФ/епд17 ноември 2013

Состојбата на Филипини и по повеќе од една недела по тајфунот Хаијан, останува непрегледна. Претседателот Акино повторно е во регионот погоден од катастрофата. Во меѓувреме се‘ повеќе луѓе добиваат меѓународна помош.

https://p.dw.com/p/1AJ9L
Фотографија: Reuters

Меѓународната помош за жртвите од тајфунот Хаијан почнува да покажува резултати. Хуманитарните организации викендов (16/17.11.) првпат даваат позитивни вести од регионот погоден од катастрофата, во кој снабдувањето на луѓето со храна, вода, шатори и лекови е на прво место. Сепак, и покрај тоа што американски хеликоптери се во акција во регионот и од воздух ги снабдуваат со помош жртвите на тајфунот, се‘ уште има луѓе кои страдаат од глад, јавуваат Обединетите нации.

Претседателот на Филипини, Бенињо Акино, на островот Самар имаше средба со жртви од катастрофата и претставници на локалните власти. Ова е втора посета на Акино во кризниот регион.

Philippinen Hilfe für die Überlebende des Taifuns Haiyan November 2013
Хеликоптерите од воздух делат помош за жртвитеФотографија: Reuters

„Да разговараме директно за она што е неопходно и да дејствуваме соодветно“, им рече Акино на претставниците на локалните власти. На жртвите претседателот им порача дека властите ќе сторат се‘ за да ги снабдат со она што им е неопходно. Освен тоа, Акино најави дека има намера засега да остане во регионот, за да се увери во напредокот на пратките со помош.

Денеска филипинската влада соопшти дека најверјотано четири милиони луѓе во невремето загубиле се‘ што поседуваат. Ваквите проценки се далеку пострашни од она што досега се претпоставуваше. Бројот на жртвите исто така постојано расте и според досегашните информации изнесува 3.974 лица.

Tacloban Philippinen Benigno S. Aquino Taifun Opfer 10.11.2013
Претседателот Акино дели водаФотографија: picture-alliance/dpa

Викендов почна планирањето за градба на населбата во која треба да бидат сместени десетици илјади луѓе кои останаа без покрив над главата во градот Таклобан. Германската влада ја зголеми итната хуманитарна помош за два милиони евра. Сега за помош на Филипини се предвидени 6,5 милиони евра, соопшти германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, информирајќи дека тие средства ќе им бидат ставени на располагање на германските и меѓународните хуманитарни организации.

Тајфунот Хаијан со брзина од над 300 километри на час го опустоши источниот брег на Филипини. Тој предизвика бранови со висина од седум метри.